Достапни линкови

Трамп го објави планот за мир на Блискиот Исток со кој се планира палестинска држава


Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се создаде палестинска држава со главен град во делови од источен Ерусалим, велејќи дека тоа е ситуација со која добиваат и двете страни. Тој за израелско-палестинскиот конфликт предлага решение со две држави, но вели дека Ерусалим во целост ќе остане престолнина на Израел. Трамп денеска го објави долгоочекуваниот блискоисточен мировен договор. Мировниот план за Блискиот Исток, Трамп го објави во Вашингтон во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Трамп вели дека со неговиот договор ќе се удвои територијата под палестинска контрола во нивната „нова држава“ и дека главниот град ќе биде во „источен Ерусалим“.

Американскиот претседател изјави дека направил многу за еврејската држава, но сакал договорот да биде добар и за Палестинците, велејќи дека ова за нив е историска можност да имаат своја независна држава.

Со планот се дуплира територијата под палестинска контрола, но се признава и суверенитетот на Израел над еврејските населби во окупираниот Западен брег. Со планот се повикува на четиригодишно замрзнување на изградбата на еврејските населби.

Американскиот претседател вели дека планот кој е напишан на 80 страници е најдеталниот досега. Тој вели дека досега Палестинците биле користени како „пиони“ од другите во регионот и дека е време тоа да заврши. Трамп вели дека за планот писмено го известил палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Нетанјаху рече дека Израел, според планот треба да го задржи суверенитетот над долината Јордан. Тој рече дека планот на администрацијата на Трамп преставува „реален пат“ кон постигнување траен мир во регионот.

Палестинците го осудија планот на Трамп, бидејќи го обелоденил договорот по средбата со Нетанјаху, без да бидат вклучени и Палестинци.

XS
SM
MD
LG