Достапни линкови

Црногорскиот премиер ја повика СПЦ на дијалог за Законот за слобода на вероисповед


митрополитот црногорско-приморски Амфилохие

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ денеска го повика поглаварот на Српската православна црква во Црна Гора, митрополитот црногорско-приморски Амфилохие на дијалог околу спорните точки од Законот за слобода на вероисповед. Црногорскиот парламент го усвои законот кон крајот на 2019 година, а српската Црква го оспорува.

СПЦ на законот гледа како на „параван за одземање на црковен имот“, па во речиси сите црногорски градови двапати неделно организира протестни маршеви.

Во писмото од Марковиќ до Амфилохие се наведува дека црногорските власти се подготвени, уште еднаш, да ги согледаат најдобрите решенија за примена на членовите од Законот со кои се регулира прашањето за сопственост на црковниот имот. Со тие членови се пропишува дека верската заедница мора да ја докаже сопственоста над верскиот објект кој е изграден пред 1918 година, бидејќи во спротивно тој објект ќе биде третиран како културно наследство на Црна Гора.

Марковиќ, во писмото објавено на Твитер, го уверува Амфилохие дека извршната власт е подготвена да направи дополнителен напор за православните граѓани во Црна Гора да појдат на еднаков и заеднички пат.

По претходната средба меѓу Марковиќ и Амфилохие, СПЦ преку просрпски пратеник поднесе три амандмани на законот, но владејачкото мнозинство ги одби.

XS
SM
MD
LG