Достапни линкови

Талибанците тврдат дека урнатиот авион во Авганистан е американски, САД негира


Авганистан- видео од твит на ИЛНА на кој се гледа урнат авион југозападно од Кабул

Портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид тврди дека урнатиот авион во Авганистан е американско воено летало. Тој покрај тоа што вели дека авионот кој се урна денеска во провинцијата Газни е американски, тврди и дека во несреќата загинале многу американски војници. Бет Риордан, портпаролка на американската централна команда, пак, ги отфрла ваквите наводи додавајќи дека американските воени претставници ја истражуваат несреќата и дека се уште не е јасно чиј е авионот.

Мистерија за урнатиот авион во Авганистан

Инаку часови по инцидентот нема официјални извештаи за последиците, а високи претставници од кабинетот на претседателот Ашраф Гани велат дека се уште се испитуваат детали на местото на несреќата. Претходно, повикувајќи се на првичните информации Вахидула Лалимзаи, гувернер на провинцијата, рече дека авионот бил на националниот авганистански авио превозник Ариана Ерлајнс и дека во него имало 83 луѓе. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук директорот на Ариана Мирваис Мирзаквал, пак, негираше дека некој од нивните авиони се урнал, додавајќи дека имало авионска несреќа, но не била на нивната компанија.​

XS
SM
MD
LG