Достапни линкови

Загреб сака да се исправи грешката и Скопје да почне преговори со ЕУ


Архивска фотографија- настан по повод преземањето на шест месечното претседавање со ЕУ на Хрватска

За време на хрватското претседателство со ЕУ посебен фокус ќе се стави на проширувањето на ЕУ во однос на Југоисточна Европа. Земјите од југоисточна Европа заслужуваат европска перспектива и Хрватска може да ја даде поддршката на нашето непосредно соседство, истакна амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ образложувајќи ги приоритетите на хрватското претседавање на денешната собраниска Комисија за европски прашања.

„Што се однесува до Северна Македонија, нашата позиција е чиста, нашата желба е грешката која што се направи во октомври минатата година да биде исправена на претстојниот период и С. Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ“, порача амбасадорката Тигањ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи потенцираше дека најважно е одлуката да се донесе и преговорите да започнат што е можно поскоро, за да продолжи реформскиот процес, како и изградбата на европска држава, со силни демократски институции и целосно почитување на фундаменталните права и еднаквоста на сите граѓани.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пак, ја искористи можноста во делот на реформската агенда да повика во претстојните недели пред распуштањето на Парламентот да бидат донесени законите како што се Законот за јавното обвинителство, Изборниот законик и измените на собранискиот Деловник во рамки на „Жан Моне“ процесот со заедничка работа на власта и опозицијата, со што шансите за успех на земјата ќе бидат поголеми. За претстојните избори, рече, очекуваат слободни фер и мирни избори.

XS
SM
MD
LG