Достапни линкови

Заев ги отфрла пишувањата на „Ла Верита“ за вмешаност во изборни нерегуларности


Зоран Заев, претседател на СДСМ

Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска објави видео во кое објавува документи и тврдења за експремиерот Зоран Заев кои, според весникот, покажуваат дека тој за време на изборите во 2014 година во Струмица купувал гласови, преку ангажирање градежна механизација и локалната администрација. Во видеото се гледаат делови од материјали, кои наводно, се поврзани со купување гласови на граѓани.

Лидерот на СДСМ Заев денеска ги отфрли како неточни пишувањата на Ла Верита. Според него ако постоеле докази за негова вмешаност за изборни нерегуларности во 2014 досега ќе бил осуден.

„Ако имале какви било докази верувајте 2014 година со целата сила на ВМРО-ДПМНЕ Заев ќе го осуделе. Значи тие немаа никакви докази, дури не отворија ни обвинителен акт заради тоа што немаше. Таму каде што се трудеа тоа да го претстават пред јавноста еве до крај со обвинителни акти за поткуп, за сите тие други предмети што ги водеа против мене, како што беа, исто така, прислушувањето и слично, овде немаа ништо, беше една фама што ја создаваа се со цел да се оцрни тогаш лидерот на опозицијата Заев, а никако не можеа ниту да заокружат било што, било каков наратив да поднесат дури обвинение“, изјави Заев.

Реагираа и од владејачкиот СДСМ. Оттаму велат дека изборите во 2014 година се симбол на изборните кражби на ВМРО-ДПМНЕ и почеток на политичката криза која заврши со пад на Груевски и Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо освен фабрикувани случаи од времето на режимот и заробената држава кога Зоран Заев им беше главна мета на измислици и монтирани случаи. Не само што изборите во 2014 ги украде Никола Груевски, туку и обвинителството под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ не презело никакви дејствија“, се вели во реакцијата од СДСМ.

Овие се нови материјали што ги објавува „Ла Верита“ неколку месеци по објавата на видеата поврзани со аферата „Рекет“.

XS
SM
MD
LG