Достапни линкови

Спасовски очекува датум, Мицкоски ветува брза интеграција во ЕУ по изборите


Оливер Спасовски и Шарл Мишел во Скопје

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел на денешната средба со премиерот Оливер Спасовски истакнал дека неговата посета на нашата земја, има за цел да испрати силна порака дека иднината на Северна Македонија и на Албанија е во Европската Унија, како и да искаже пораки за охрабрување за континуирано спроведување на реформските процеси и имплементација на обврските на земјата од договорите со Грција и Бугарија.

Како што соопшти владината прес служба, Спасовски му се заблагодарил на Мишел за зголеменото внимание и отворените јавни изјави за поддршка за што поскоро отворање на пристапните преговори уште на почетокот од преземањето на мандатот и изразил очекување дека датумот за старт ќе дојде бргу по усвојувањето на новата методологија за проширување, односно откако земјите членки на ЕУ ќе дадат согласност за усвојување за да се испочитуваат ветувањата дадени за Северна Македонија во изминатиот период.

Премиерот Спасовски потенцирал дека за нашата земја тајмингот е од клучно значење, за да не се загрози реформската динамика која допрва треба да ја постигне својата кулминација, како и Преспанскиот договор во неговата важна имплементациска фаза во претстојниот период.

Претходно, Мишел се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која, како што соопштија од партијата, било разговарано за европската перспектива на земјата и тоа што треба да се направи за Македонија да добие датум за преговори, но и да стане членка на ЕУ.

„Претседателот Мицкоски истакна дека членството во ЕУ е највисоко во агендата на ВМРО-ДПМНЕ и како партија која ќе ја формира владата по 12 април ќе направи се за Македонија да биде ставена на брза трака кон интеграција во Унијата. Наместо декларативни ветувања како до сега со СДСМ ќе имаме вистинско придвижување,“ се вели во соопштението до јавноста од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека заеднички било заклученодека мора да има реформи, како на судско, административно, безбедносно, така и на секое друго ниво од значење на државата.

XS
SM
MD
LG