Достапни линкови

Меѓународен ден на образованието: Милиони деца без можност за школување


Илустрација - Заклучена капија на училишен двор, Бугарија, јануари 2020 година.
Илустрација - Заклучена капија на училишен двор, Бугарија, јануари 2020 година.

„Учење за луѓето, планетата, просперитетот и мирот“ беше главната темата на годинешното одбележување на Меѓународниот ден на образованието - 24 јануари. Оваа тема, според Обединетите нации, ја истакнува интегрираната природа на образованието, нејзините хуманистички цели, како и нејзината централност кон амбициите за колективен развој.

Одбележувањето во 2020 година ќе го позиционира образованието и учењето, како најголем обновлив ресурс на човештвото и ќе ја реафирмира улогата на образованието како основно право, јавно добро и овозможувач на Агендата за одржлив развој во 2030 година, а ќе го вклучи ‘инклузивното и правично квалитетно образование и доживотно учење за сите како цел за себе и неопходно средство за забрзување на напредокот за исполнување на целите за одржлив развој, се вели во сопштението на Едукативниот центар на Обединетите нации, по повод Меѓународниот ден на образованието.

Овој ден беше одбележан и во Македонија, со симпозиуми, дебати и со критики од младите до државата за тоа колку придонесува за развојот на образованието.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на симпозиумот „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“, што по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на образованието, се одржа на универзитетот ФОН во Скопје.

„Правото на образование е основно човеково право. За жал, според податоците на Обединетите нации околу 265 милиони деца и возрасни немаат пристап или не го комплетираат своето основно образование. Тоа значи и зголемување на еписменоста, на сиромаштијата, на родовата нееднаквост. На глобално ниво треба уште многу да се работи за да се овозможи непречен пристап до образованието на секој дел од Земјината топка. Бегалските и мигрантските кризи дополнително ја влошуваат ситуацијата и бараат одговорно лидерство за справување со овој проблем. Денес кога низ целиот свет се одржуваат различни активности чија цел е подигнување на свеста за значењето на достапноста и квалитетот на образованието, апелирам секој од нас, во рамките на своите можности и ингеренции, да ја преземе одговорноста и да работи за подобрување на квалитетот на образованието, најпрво во својата заедница и во својата земја“, рече Пендаровски.

Не изостанаа и критиките за (не)стореното во образованието.

„На Денот на меѓународното образование, што е одреден од Организацијата на обединетите нации, денес сме овде да се потсетиме на големата негрижа која нашата држава ја покажува за образованието, воопшто, и за образованието на албански јазик, посебно“, соопштија од Младински форум - Алтернатива.

Претходно, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на својот Фејсбук профил го честита Меѓународниот ден на образованието, потенцирајќи го, како што рече, влогот во квалитетно образование: „Го укинавме екстерното тестирање, донесовме нов Закон за високо образование, ги зајакнуваме стручното и дуално образование, инвестираме во нови објект, поставуваме енергетски ефикасни фасади и еколошки системи за греење во училиштата, за вкупно 21,3% ја покачивме платата во основното, средното и високо образование“.

XS
SM
MD
LG