Достапни линкови

Европскиот суд ја казни Македонија за повреда на правата на дете со посебни потреби


Франција- зградата на судот за човекови права во Стразбур

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда против Северна Македонија поради повреда на правата на осумгодишно дете со посебни потреби сместено во јавна установа и врзано за кревет поради безбедност, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Случајот се однесува на Л.Р., дете сместено во јавна установа од возраст од три месеци и наводите за несоодветна и лоша грижа и третман кон него. Во пресудата донесена денеска едногласно се заклучува дека има повреда на членот од Европската конвенција за човекови права во кој се забранува нечовечки или понижувачки третман, а со шест гласови „за“ и еден против судот исто така смета дека имало повреда на друг член кој се однесува на недостаток на ефективна истрага.

За Судот посебно е загрижувачки што едно толку ранливо лице, како жалителот, осумгодишно дете кое има ментален хендикеп и е глуво и немо, можело да биде често врзувано за неговиот кревет за време на престој во центарот, околу една година и девет месеци, при што центарот не можел да ги исполни неговите потреби. Од оваа установа им било укажано на надлежните дека не може да го сместат детето затоа што биле недоволно квалификувани и неговите вработени немале вештини за да се грижат за него.

ЕСЧП пресуди Северна Македонија да му плати на жалителот 18.000 евра за морална штета и 1.650 евра за судски трошоци. Станува збор за случај кој бил обелоденет по посетата на Народниот правобранител во неговиот извештај од 2014 година, по што Хелсиншкиот комитет го посети детето во установата и поведе судска постапка.

XS
SM
MD
LG