Достапни линкови

Украина отвори истраги за можно следење на поранешната амбасадорка на САД во Киев


Поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович

Украинската полиција денеска соопшти дека отвориле две истраги за можноста поранешната американска амбасадорка во Украина Мари Јованович да била негално следена пред да биде отповикана од позицијата минатата година.

Денешното соопштение доаѓа два дена откако пратениците од американската демократска партија објавија документи од кои се гледа дека Лев Парнас, соработник на Руди Џулијани, адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, разговара за можноста за отповикување на Јованович од позицијата амбасадор во Украина. Украинското министерство за внатрешни работи во соопштението наведува и дека тие не се мешаат во внатрешните политички прашања на САД.

„Како и да е, објавените пораки содржат факти за можно прекршување на украинскиот закон и виенската конвенција за дипломатски односи која ги штити правата на дипломатите на територија на друга земја“, се наведува во полициското соопштение.

Од таму додаваат дека министерството побарало од ФБИ да и ги обезбеди на Украина сите потребни материјали поврзани со случајот и им нудат на американските претставници да учествуваат во истрагите. Јованович беше американска амбасадорка во Киев од 2016 до мај 2019 година, кога беше отповикана по критиките од Трамп и неговите соработници за нејзината работа. Таа сведочеше во Претставничкиот дом на САД во процесот за импичмент за Трамп и ја критикуваше политиката на претседателот кон Украина.

XS
SM
MD
LG