Достапни линкови

Мицкоски ќе предложи нов министер за внатрешни работи


Архивска фотографија- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција попладнево рече дека во текот на денешниот ден ќе предложи ново име кандидат за технички министер за внатрешни работи. Тој тоа ќе го стори откако ќе ги заврши, како што рече, последните консултации со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

До ова дојде откако владата го одби како неуставен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој доаѓа од АРМ да биде на чело на МВР. Според Мицкоски, премиерот Заев и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кого владејачката партија го предложи за технички премиер си зеле за право да го толкуваат Уставот иако многупати како што рече го прекршиле. Мицкоски тврди дека во Уставот има системски недоречености. Тој се повика на случајот кога Сиљан Аврамовски од јуни до декември 2004 година беше министер за внатрешни работи во владата на СДСМ предводена од Хари Костов. Пред да биде именуван на позицијата Аврамовски беше полициски службеник и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, што како што рече Мицкоски, Хелсиншкиот комитет го оспорил пред Уставниот суд кој се прогласил за ненадлежен.

Ако денеска биде прифатен кандидатот за технички министер за внатрешни работи тогаш според најавите владата ќе биде формирана утре. Другите кандидати за министри од ВМРО-ДПМНЕ предвидени со Законот за влада од Пржинскиот договор веќе се познати.

XS
SM
MD
LG