Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ ја комплетираше листата нивни предлози во техничката влада


Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ги комлетираше нивните предлози за позиции во техничката влада која треба да ги организира изборите договорени за на 12 април 2020 година. Извори од опозициската партија за Радио Слободна Европа брифираат дека на местото министер за труд и социјална политика ја предлагаат Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. Таа досега политички не беше експонирана, а од неодамна почна да држи прес конференции во име на опозициската партија.

Истите извори велат дека за местото заменик министер за информатичко општество и администрација нивни предлог е актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска Стојковски. За заменичка во министерството за финансии, пак, опозициската партија ја предлага Гордана Димитриеска Кочоска, која исто како Мизрахи досега не е политички позната, а била финансиски директор во ЕЛЕМ кога актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше директор.

За заменик министер во земјоделство ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за поекспониран партиски кадар, Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека генерално се работело за нови луѓе кои што добро ја познавале областа за која што се предложени.

Нивниот предлог за прв човек на полицијата полковникот Драган Ковачки за власта е неприфатлив поради, како што наведуваат, уставната обврска со полицијата да раководи цивилно лице. Техничката влада треба да се формира на трети јануари 2020 година кога и премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка, а неговата позиција до изборите да ја преземе актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Формирањето влада сто дена пред избори е обврска од Законот за влада донесен во таканаречените пржински разговори со кои се стави крај на тогашната политичка криза. Оваа ќе биде втора влада, по онаа во 2016 година, која е формирана според тој договор.

XS
SM
MD
LG