Достапни линкови

Владата најави укинување на каматите на долговите дадени на извршител


Архива: Неформалната организација „Стоп за извршителите“ организира протест против законот за извршување, пред Министерство за Правда.

На утрешна седница на македонската Влада се очекува да биде дадена поддршка на законското решение за отпишување на каматите на долговите дадени на извршување коишто граѓаните ги имаат кон државен орган, јавно претпријатие или установа на централно или локално ниво направени заклучно со 31 декември 2017 година, изјави премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со министерката за правда Рената Дескоска.

„Сите предмети дадени на извршување заклучно со 31 декември 2017 година од страна на јавни и државни претпријатија и установи се бришат. Доверителите се должни да направат отпис на каматите и репрограмирање на долгот во рок од три месеци од стапување на сила на законот“, рече Заев.

Изминатиов период граѓани протестираа пред Министерството за правда, барајќи комплетна ревизија на работењето на извршителите, односно дека треба да престане блокирањето на сметките, наплатата на долгот да не трае подолго од две години и да се почитува застарувањето на долговите.

Со прекин на работата, деновиве протестираа и извршителите незадоволни од новиот тарифник што го предлага Министерството за правда, со кој се предвидува намалување на наградата при извршување од граѓани од 1.000 на 300 евра.

Заев ги повика и приватните доверители да направат отпишување на долговите на доброволна основа, изразувајќи надеж дека тоа ќе го направат особено оние кои можат да си дозволат.

Заедно со овој закон на утрешната владина седница ќе се најдат и измени на Законот за извршување, според кој е предвидено извршителите да прекинат со присилно извршување на предметите.

Со измените, ќе бидат изземени од извршување граѓани корисници на законскиот минимален приход, приматели до просечна плата и пензија и корисниците на семејна пензија, најавуваат од Владата.

XS
SM
MD
LG