Достапни линкови

СДСМ освен за техничката влада ќе разговара и за коалицијата со ДУИ


Архивска фотографија - Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

СДСМ вечерва на состаноците на Извршниот и Централниот одбор на партијата, покрај за кадровските решенија за техничката влада, ќе ја анализира и досегашната коалиција со ДУИ. Премиерот Зоран Заев попладнево на прес-конференција во Владата рече дека ќе се разговара за коалицијата, бидејќи ниту амандманите се повлечени, ниту нешто се случило и оти тоа е лошата порака добиена од партнерот. ДУИ поднесе илјадници амандмани на законите кои СДСМ ги предлага во Собранието.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешната средба со новинарите, рече дека со СДСМ се уште не се консултирале околу тоа кој ќе биде премиер во техничката влада, но лично мисли дека министерот за внатрешни, Оливер Спасовски има најголем можност да ја добие функцијата. Тој потсетува дека сепак за новиот премиер треба да се договорат трите најголеми партии. Ахмети вели 12 април е најдобар датум за избори, а за евентуално одложување треба да има консензус од сите. Ако ДУИ победи на изборите, вели Ахмети, треба да се почитува тоа дека, владата да ја прават победниците во македонскиот и во албанскиот политички блок.

ВМРО-ДПМНЕ веднаш по утрешните средби со премиерот Зоран Заев и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе донесе одлука за имињата на кандидатите за министри за внатрешни работи и за труд и социјала во новата влада.

XS
SM
MD
LG