Достапни линкови

Трајковски не дојде на судење за „ТНТ“, пријавил дека бил физички нападнат


Архивска фотографија - Екс-министерот Миле Јанакиески и екс-градоначалникот Тони Трајковски на судење за ТНТ

Поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски кој е еден од обвинетите во случајот „ТНТ“ не дојде на денешното рочиште.
Тој пријавил дека синоќа бил физички нападнат по претходна расправија со две лица. Неговиот адвокат рече дека тој се наоѓал во болница. Од МВР за МИА информираа дека се работи на расчистување на случајот.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот и поранешен пратеник Фијат Цаноски. Во случајот Трајковски е третообвинет.

Судијата Огнен Ставрев го контактирал докторот, кој му рекол дека Трајковски е во добра општа состојба и е на пат кон дома. Судијата рече дека доколку Трајковски не дојде за еден час ќе биде стражарно приведен.

По неколку блокади на ова судење, судијата Огнен Ставрев сака да го заврши процесот деновиве, бидејќи на две поротнички им истекува мандатот и судењето ќе треба да почне одново.

Во случајот „ТНТ“, обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, потоа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и други вработени во општината.

XS
SM
MD
LG