Достапни линкови

Русија ќе се жали на суспензијата на спортистите


Русија ќе ја оспори одлуката со која им се забранува на руските спортисти да учествуваат на меѓународни спортски натпревари во следните четири години поради прекршувања на правилата за допинг.

Руската агенција за антидопинг (РУСАДА) денеска соопшти дека не се согласува со одлуките на Светската антидопинг агенција (ВАДА) да се казнат руските спортисти. Светската агенција минатата недела ги суспендираше спортистите од Русија поради скандалот со допингување.

Во следните неколку денови руската агенција ќе подготви писмо со кое ќе ја оспори одлуката на ВАДА пред Арбитражниот суд со седиште во Лозана.

Русија доби забрана да учествува на Олимпијада, Параолимпијада и Зимски игри следните четири години, откако ВАДА заклучи дека Москва манипулирала со лабораториските податоци на спортистите.

Обвинувањата за допинг ја следат Русија уште од Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи кога изби скандал дека руските натпреварувачи биле допингувани со цел да постигнат подобри резултати.

Светската антидопинг агенција ја укина суспензијата на Руската антидопинг агенција, која беше на сила четири години, под услов Русија да ги предаде податоците и примероците за допинг од 2012 до 2015 година. Но и покрај тоа, комитет на Светската антидопинг агенција, ја обвини Русија дека некои од податоците биле фалсификувани и предложи забрана за работа на руската Агенција како и исклучување на земјата од големите спортски натпревари.

На годишната прес-конференција, рускиот претседател Владимир Путин рече дека ВАДА постапила неправедно.

XS
SM
MD
LG