Достапни линкови

Вести

Талибанците се противат на вакцинирањето против полио во Пакистан

Талибанците во Пакистан убиле двајца полицајци кои ги заштитувале тимовите од здравствени работници кои на терен спроведуваат вакцинирање против детска парализа (полио).

Локалната полиција соопшти дека кон полицајците било пукано пред да влезат во болница во северозападната провинција Кибер Пахтунхва.

Портпаролот на пакистанските Талибанци рече дека тие стојат зад нападот.

Во изминатата деценија, талибанските милитанти убија многу здравствени работници кои се обидуваа да го вакцинираат населението, па затоа сегашните кампањи се спроведуваат со присуство на војска и полиција. Талибанците обвинуваат дека вакцинирањето против детска парализа има за цел да ги стерилизира пакистанските деца.

Пакистан и соседен Авганистан се единствените земји каде што се уште е распространета детска парализа. Оваа недела започна кампања за вакцинирање против полио, бидејќи бројот на заболени годинава се искачи на 103 лица.

види ги сите денешни вести

Пендаровски бара итно расчистување и одговорност за „Јавна соба“

Стево Пендаровски

Деновиве сме згрозени што повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“, случај во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи. Правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт – Уставот на Република Северна Македонија, изјави за МИА претседателот на државата, Стево Пендаровски и потенцира дека насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон.

„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш“, вели Пендаровки.

Случајот повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. ОД МВР вчера потврдија дека Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при презема мерки за расчистување на случајот.

Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.

Средба на Државниот врв и директорот на Статистика за пописот

Илустрација - Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието утре ќе се одржи средба на државниот врв и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, со градоначалниците и секретарите на советите за спроведување на Законот за попис. Претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев ќе имаат официјални обраќања, а ќе зборува и директорот Симовски.

Претставниците од Државниот завод за статистика ќе ги информираат претставниците на локалните самоуправа за нивните должности кои произлегуваат од Законот за попис. Ќе има и сесија за поставување прашања. Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините. Средбата ќе се одржи во Големата сала со Купола.

Во меѓувреме продолжува спротивставената реторика на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски тврди дека власта сака да спроведе попис како политичка операција, а не како статистичка и најави дека ќе почне собирање потписи за повлекување на новодонесениот закон за попис.

Бил Гејтс објави колку пари вложил во вакцини и во борба со ковид-19

Бил Гејтс

Бил и Мелинда Гејтс денеска објавија годишно писмо на својата веб-страница во објавија колку пари вложиле во вакцини и во борбата со ковид-19, као и за можните последици од оваа и идните пандемии.

„Кога го објавивме нашето писмо минатата година, светот штотуку почнуваше да сфаќа колку е опасна оваа нова пандемија на коронавирус. Иако нашата фабрика е веќе подолго време загрижена за можното сценарио на пандемија, особено по епидемијата на ебола во Африка, бевме шокирани од тоа колку Ковид-19 драматично ги наруши економиите, работните места, образованието и социјалната помош низ целиот свет“, се вели во писмото.

Сопружниците Гејтс се оптимисти и веруваат дека се приближуваме кон почетокот на крајот на пандемијата.

„Но, ние сме исто така реални и знаеме што е потребно за тоа да се случи – најголемиот ангажман за јавно здравје во историјата; оној што вклучува политичари, научници, здравствени работници, деловни лидери, локални власти, верски заедници и други“, велат тие и објавуваат дека нивната компанија досега инвестирала 1,75 милијарди американски долари во борбата против Ковид-19. Најголем дел од тоа финансирање е насочено кон производство и набавка на критични медицински материјали.

„На пример, ние поддржавме научници кои развија нови лекови за коронавирус, соработувавме со различни партнери за да се осигуриме дека овие лекови се формулирани на начин што е лесен за транспорт и употреба во најсиромашните делови на светот“, напишаа Гејтс.

Во меѓувреме, Бил Гејтс е во фокусот на голем број теории на заговор, меѓу кои и онаа дека преку вакцините сака да ги чипира луѓето и да ја намали светската популација. Тој вели дека ништо од тоа не е вистина и е крајно несериозно.

Поднесен обвинителен акт за случајот „Мавровка“

Архивска фотографија од уривањето на спорниот објект кај ТЦ Мавровка во Скопје

Скопското обвинителство денеска, до Кривичен суд Скопје, поднесе обвинител акт за случајот на „Мавровка” во кој инвеститорот бесправно градеше објект од тврда градба кој потоа беше урнат од надлежните органи.

„По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

На обвинетиот претходно му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.

Грција ќе се обиде да олеснува во спорот меѓу Македонија и Бугарија

Фотографија од средбата на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Дендиас и Бујар Османи во Атина на 14 јануари 2021 година

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, изјави дека Грција, како земја која одржува пријателски односи со Бугарија и Македонија, ќе се обиде на секој можен начин да го олесни решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија, јави МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, во интервјуто за „Јуроњуз", додава дека Грција останува цврсто на поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, особено на Македонија и на Албанија.

На прашањето дали Грција би презела конкретни иницијативи, Дендиас вели дека „иницијатива е многу силен збор" и додава дека тие се пријатели со сите и се обидуваат на сите да им помогнат. При тоа, тој нагласува дека „треба да се гледа големата слика, а големата слика е иднината на Балканот во Европската унија.

Во Србија уапсени четири лица за фалсификување пари

илустрација

Српската полицијата уапсила четири лица за фалсификување пари, соопшти Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дека осомничените се уапсени при обид да ги предадат парите во Белград. Членовите на таа организирана криминална група се осомничени дека пуштиле во оптек околу 40.000 фалсификувани евра во ноември и декември 2020 година и дека се стекнале со противправна имотна корист од скоро 11.000 евра.

Измамници фалсификувале документи за да наследуваат имот од покојници во Бугарија

При претрес на објектите на осомничените, полицијата пронашла опрема за правење фалсификувани пари, поголемо количество фалсификувани банкноти, оружје и фалсификувани службени документи. Осомничените се приведени до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.

Во САД издадено национално предупредување за тероризам

Вашингтон

Министерството за домашна безбедност на САД издаде национално предупредување за тероризам, повикувајќи се на потенцијална закана од домашни антивладини екстремисти, „охрабрени“ од нападот на американскиот Капитол на 6 јануари. Одделот соопшти дека нема информации за да наведе конкретен заговор, но останува загрижен дека луѓето фрустрирани со претседателската транзиција може да извршат насилство.

Безбедносни мерки во Вашингтон пред инаугурацијата на Бајден

„Во моментов постои зголемена закана низ Соединетите држави, што веројатно ќе опстане во текот на следните недели“, се наведува во соопштението, во кое се додава: „Информациите сугерираат дека некои идеолошки мотивирани насилни екстремисти со забелешки за претседателската транзиција, како и други забележани поплаки поттикнати од лажни наративи, можат да продолжат да се мобилизираат за да поттикнат или да извршат насилство“. Исто така, постои загриженост дека екстремистите можат да преземат напади против избрани функционери и владини објекти.

Бајден најави меѓународен самит за климата за 22 април

Претседателот на САД Џо Бајден

Претседателот на САД Џо Бајден објави мораториум за нови концесии за дупчење нафта и гас и најави меѓународен самит за климата на 22 април, соопшти Белата куќа. Бајден потпиша указ со детални мерки, вклучително и организирање климатски самит на 22 април, Денот на Земјата. Тој ден е и петта годишнина од потпишувањето на Парискиот договор, на кој САД повторно се приклучија неколку часа по стапувањето на должноста на новиот претседател.

Пендаровски - Новите технологии да се искористат за климатска акција

Мораториумот за давање нови концесии за дупчење нафта и гас на државно земјиште и вода нема да влијае врз веќе дадените концесии, но ќе му овозможи на Бајден да исполни едно од неговите предизборни ветувања. САД, исто така, ќе се обврзат да го зачуваат интегритетот на 30 проценти од сојузната држава и водата до 2030 година за да го запрат исчезнувањето на биодиверзитетот. Бајден исто така ќе им наложи на федералните агенции да инвестираат во области кои се економски зависни од фосилни горива и да обезбедат поддршка за населението особено погодено од климатската криза.

Во Хрватска вакцинирани над 58.000 граѓани

Човек прима вакцина од Модерна, во шатор на Црвениот крст во Петриња, 13 јануари 2021 година

Над 58.000 граѓани биле вакцинирани во Хрватска, од кои 11.900 ја примиле втората доза на вакцината, објави хрватската Влада на Твитер. Во Хрватска, вакцинацијата започна на 27 декември, кога и во другите земји-членки на ЕУ, со вакцината на производителот Фајзер, а во меѓувреме пристигна и на производителот Модерна.

Пленковиќ: ЕУ размислува за тужби поради неисполнување на рокови за испорака на вакцини

Според последните податоци, поради доцнењето во испораката на ветените вакцини, новите вакцинации се скоро запрени и се вакцинираат само оние кои треба да ја примат втората доза. Хрватска нарача скоро шест милиони дози вакцини од различни производители преку ЕУ. Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, неодамна оцени дека дипломатијата во врска со вакцината против коронавирусот се претвори во „киднапирање“ на вакцината.

СЗО: Британска варијанта на коронавирус во 70 земји

илустрација

Бројот на држави и територии во кои е откриен новиот вид на коронавирус од Британија се зголеми на 70, односно десет земји повеќе отколку на 12 јануари, објави Светската здравствена организација. Новиот вид на коронавирус откриен во Јужна Африка, кој, како и британскиот, се шири побрзо од оригиналниот корона вирус (САРС-КоВ-2), исто така, продолжува да се шири и во други земји и сега е присутен во 31 земја и територија.

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во Македонија


Бразилската варијанта сега е присутна во вкупно осум земји. Во тек се истражувањата низ целиот свет за да се утврди зошто видот откриен во Британија е позаразен. СЗО изјави дека варијантите на коронавирусот се различни верзии на оригиналниот вирус кои се појавуваат со текот на времето поради различни мутации. СЗО додава дека ова е нормална појава за вируси.

Судот ќе ја сослуша жалбата на Навални против притворот

Алексеј Навални

Судот во Русија денеска ќе ја сослуша жалбата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални против неговиот притвор, еден ден откако руските власти го зголемија притисокот врз опозицијата, претресувајќи станови и канцеларии поврзани со Навални. Соработникот на Навални Леонид Волков рече дека адвокатите биле известени на 26 јануари оти жалбата за апсењето е закажана за 28 јануари. Тој повика на нови протести низ Русија на 31 јануари. Во претресите што се случија вчера беа вклучени групи маскирани безбедносни сили. Бил претресен и станот на Навални, каде што полицијата го приведе неговиот брат Олег.

Гневот поради корупцијата и Навални можат да ја редефинираат руската политика

Руските медиуми, повикувајќи се на извор во безбедносните агенции, објавија дека причината за рациите е кршење на ограничувањата за хигиена на коронавирусот. 44-годишниот Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше од речиси фаталното труење од нервен отров во август, за кое рече дека било наредено од претседателот Владимир Путин. На масовните митинзи низ Русија одржани на 23 јануари беше побарано итно ослободување на Навални. За време на митинзите беа уапсени близу 4.000 лица, за кои полицијата рече дека се нелегални.

Македонија на 111-то место во Индексот за перцепција на корупција на ТИ

Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл

Во денеска објавениот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл Северна Македонија е рангирана на 111-то место со 35 бодови. Индексот користи скала на бодови од нула (многу корумпирана земја) до 100 (некорумпирана земја). Ова место Македонија го дели со Босна и Херцеговина и Монголија. Во регионот пред Македонија се Хрватска на 63-то место, Црна Гора на 67-то, Бугарија на 69-то, Србија на 94-то и Косово на 104-то место. На врвот, првото место го делат Данска и Нов Зеланд со 88 бодови. Следуваат Финска, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Норвешка Холандија и Германија. Индексот рангира 180 земји и територии според нивните перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор, врз основа на 13 експертски проценки и истражувања на деловни директори.

Николовски – Нема недопирливи, секој што го прекршил законот ќе одговара

На последно место се Сирија, Сомалија и Јужен Судан, со 14, 12, односно 12 бода. За 2020 година Индексот го потенцира влијанието на корупцијата врз одговорите на владите на ковид-19, споредувајќи ги перформансите на земјите со нивните инвестиции во здравствената заштита и степенот до кој демократските норми и институции се ослабени за време на пандемијата. Индексот за перцепција на корупцијата открива дека постојаната корупција ги поткопува здравствените системи и придонесува за демократско назадување во услови на пандемијата. Земјите кои добро се однесуваат на индексот инвестираат повеќе во здравствената заштита, се подобро способни да обезбедат универзално здравствено покритие и поретко ги кршат демократските норми и институции или владеењето на правото, се вели во Индексот за перцепција на корупцијата.

Времето денеска: сончево со мала облачност

Наутро ќе има услови за појава на слаб снег на североистокот. Преку денот ќе биде сончево со мала облачност и студено. Ќе дува слаб до умерен, а во источните делови засилен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од минус 2 до 10 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 6 степени.

Велика Британија воведува карантин во хотелите за своите граѓани кои доаѓаат од ризични места

Патници пристигнуваат на аеродромот Хитроу во Лондон

Британската влада соопшти дека ќе воведе карантин по хотелите за своите граѓани кои се враќаат од земји за кои се смета дека се ризични за ширење на коронавирусот. Мерката се однесува на патници кои доаѓаат од 22 земји во кои варијантите на коронавирусот „претставуваат ризик“. Меѓу тие земји се Јужна Африка, Португалија и некои земји од Латинска Америка. Веќе е забрането од тие земји да доаѓаат патници кои немаат престојувалиште во Велика Британија.

„Од сите патници на кои не можеме да им забраниме влез во земјата бараме да се изолираат во некои од владините сместувалишта, како што се хотелите“, рече премиерот Борис Џонсон во Долниот дом на Парламентот.

Тој додаде дека карантинот ќе трае десет дена.

Патниците кои доаѓаат од ризичните земји директно до аеродромите ќе бидат одведени до сместувалиштата за карантин.

Инаку, сите патници по влезот во Велика Британија мора да имаат негативен тест на коронавирис. Во земјата досега од вирусот починаа 100 илјади луѓе.

На загрепската Драмска академија поднесени 27 пријави за сексуални злоупотреби

Поглед на Загреб

До Државното обвинителство на Хрватска поднесени се 27 пријави за сексуално злоставување, малтретирање и други форми на несоодветно однесување на Академијата за драмски уметности во Загреб, јави ХРТ.

Според хрватскиот јавен сервис, засега три актерки изјавиле дека сакаат да соработуваат со Државното обвинителство, но повеќето пријави сè уште се анонимни.

Се работи за кривични дела извршени од средината на 90-тите години до денес.

Деканката на Академијата, Франка Перковиќ Гамулин, објасни дека станува збор за осум вработени на кои се однесуваат дел од пријавите и шест лица кои се поранешни вработени или пензионери на Академијата.

„Сега е на судството да почне процедури и ние се фокусираме на внатрешна истрага. Мислам дека најдоцна до четврток едно лице ќе оддалечиме од студентите“, рече Перковиќ Гамулин.

Зголемен број новозаразени со коронавирус во Грција

Илустрација

Веќе втор ден во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на ковид-19, а денеска беа откриени 858 новозаразени, највисок број во изминатите 15 дена.

Во изминатите 24-часа починаа 32 лица, а 274 граѓани се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега.

Загриженост кај епидемиолозите во Грција предизвикува областа Атика, поширокиот регион на Атина, со оглед на тоа дека секојдневно, речиси половина од новозаразените се во овој дел од земјата.

Денеска од 858 случаи, 409 се во конкретната област.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната редовна прес-конференција рече дека во Атика, активни се 2.374 случаи, нешто што ги загрижува.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 154.083 позитивни случаи, а починаа 5.724 лица.

Инфектолог со примена прва доза вакцина во Албанија заразен со коронавирус

Албанскиот премиер Еди Рама се вакцинираше против коронавирус на 11 јануари

Познатиот албански инфектолог Пелумб Пиперо, кој пред две недели ја прими првата доза вакцина од компанијата „Фајзер“ е потврдено дека е заразен со коронавирус, пренесува МИА.

Тој првата доза на вакцината против опасниот вирус ја прими на 11 јануари, веднаш по премиерот Еди Рама. Сега резултатот од тестот покажал дека е позитивен.

Ова е прв случај на заразен во Албанија по добиена доза од вакцината.
Пелумб Пиперо е еден од најценетите доктори во земјата и од првиот ден по појавата на пандемијата тој е непосредно вклучен во грижата за ковид пациентите во Инфективната клиника во Тирана.

Инаку, досега во Албанија првата доза вакцина ја примија 500 лица, сите здравствени работници, со исклучок на Рама, од добиената донација од 975 дози вакцини.

Албанската влада веќе има договор со „Фајзер“ за 500.000 вакцини, за што законодавниот дом во Тирана ги изгласа потребните законски акти, кои денеска се очекува да ги потпише претседателот Илир Мета.

Кипар ќе започне со постепено намалување на рестриктивните мерки

Илустрација: Училиште во Кипар

Се наоѓаме во третата седмица од карантинот што беше воведен на 10 јануари 2021 година, а подобрувањето на епидемиолошката слика ни дозволува, постепено да започнеме со олабавување на рестриктивните мерки, соопшти министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану.

Од понеделник 1 февруари ќе почнат со работа берберниците, фризерските и козметичките салони, од 25 на 50 отсто ќе се зголеми бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, а продолжена е забраната за собири во домовите, со исклучок на посета на најмногу две лица доколку станува збор за роднини од прв и втор степен.

Една седмица подоцна во училишните клупи ќе се вратат учениците од основните училишта и матурантите, ќе се отворат продавниците, моловите и трговските центри, обложувалниците, музеите и археолошките локалитети, црквите, а во домовите се дозволени посети на најмногу четири лица.

Паралелно и понатаму во сила ќе биде полицискиот час и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.

Министерот за здравство на Кипар истакна дека на сите оние кои ќе се вратат на работа ќе им се направат брзи тестови, а од понеделник ќе биде задолжително за сите компании секоја седмица да тестираат 20 отсто од вработените.

Во однос на процесот на вакцинација, Јоану посочи дека интересот е поголем од очекуваниот, а целта е до почетокот на март да бидат вакцинирани лицата над 80 години и здравствените работници што се во првите редови во борбата со пандемијата, а до крајот на март вакцината да ја примат 100.000 граѓани.

Раст на бројот на заразени во Словенија, владата размислува за заострување на мерките

Илустрација: Земање примерок за тестирање на коронавирус во Словенија

Во Словенија повторно расте бројот на заразени со коронавирусот – во изминатото деноноќие се потврдени нови 1850 случаи од скоро 16 илјади тестови, а 19 луѓе починаа.

Во болниците има над 1140 хоспитализирани, за 138 повеќе од минатата недела.

Владата поради тоа и поради новиот британски сој на коронавирусот повторно ќе разгледа заострување на мерките.

Забавувањето на позитивните трендови ги доведува во прашање претходните најави дека кон средината на февруари би можела да почне наставата во сите основни и средни училишта.

Британскиот сој во Словенија првпат беше официјално потврден пред неколку дена, но брисевите биле земени претходно, односно дека тој сој бил во земјата уште кон крајот на декември.

Русија со казни против РСЕ

Бирото на Радио Слободна Европа во Москва

Рускиот суд денеска казни неколку проекти на Радио Слободна Европа на руски јазик и неговиот генерален директор со вкупно 1,1 милиони рубљи, односно околу 14500 долари, за непридржување до новите рестрикции според законот за „странски агенти“.

РСЕ беше казнето со 1 милиони рубљи, додека директорот на сервисот доби казна од 100 илјади рубљи.

На 12 јануари рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор поднесе осум протоколи кои се однесуваат на четири проекти на Радио Слободна Европа на руски јазик – главниот сервис за Русија, Радио Слобода, телевизијата и дигиталната платформа Сегашно време (Current Time) и регионалните сајтови Сибир реалити и Идел реалити, кои објавуваат локални вести и информации за публиката во Сибир и Волга-Урал.

Пресудата за останатите четири протоколи се очекува наредниот месец.

Законот, меѓу другото, предвидува одредени медиумски организации финансирани од странство да ја означат својата содржина во Русија како производ на „странски агент“.

Законот ги доведува под ризик и новинарите кои работат за Радио Слободна Европа.

Радио Слободна Европа, која е независна и непрофитна корпорација финансирана од американскиот Конгрес, не се придржуваше до наредбата. Монтираните казни може потенцијално да ја принудат компанијата да го прекине своето присуство во Русија.

Американските републикански и демократски пратеници неодамна побараа нови санкции против Москва, ако Кремљ продолжи со строгите ограничувања и казни што им се закануваат на новинарските активности во Русија.

Од почетокот на владеењето на Владимир Путин, Кремљ го засилува притисокот врз независните медиуми. Земјата, според Репортери без граници, е рангирана на 149 место од 180 земји според слободата на печатот.

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во Македонија

Илустрација

Британскиот сој на коронавирусот бил детектиран во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје кај 46-годишен маж, кој е веќе оздравен, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вирусот бил детектиран во болницата при анализа на примероци од јануари.

Во епидемиолошката анкета пациентот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал во странство.

Според информациите од Институтот за јавно здравје, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот бил со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, информира Филипче на Фејсбук.

Со коронавирус заразени 22 вработени на Клиниката за нефрологија

Клинички центар, Скопје

На Клиниката за нефрологија има девет лекари, осум медицински сестри, еден лаборант, еден психолог и тројца болничари кои во моментов се заразени со ковид-19, информираат од Министерството за здравство.

Меѓу заразените е и директорката на Клиниката, Ирена Бушлетиќ.

Изворот за заразата, како што посочуваат од Министерството, сè уште не е конкретизиран со оглед на тоа што во моментов се спроведуваат епидемиолошките анкети.

Работата на Клиниката се одвива регуларно и тековните обврски се завршуваат од страна на вработените кои го надополнуваат отсуството на оние кои се заразени или се во изолација, потенцираат од Министерството за здравство.

Медиумските организации загрижени од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Илустрација

Македонските медиумски здруженија изразија загриженост за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство. Со овој предлог се предвидува членовите на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ да се бираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, наместо со двотретинско мнозинство, како што е сега.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е факт дека овој процес сега е закочен во Собранието поради несогласувањата меѓу власта и опозицијата, но оти „партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела“.

„Пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат организациите.

Новинарските и медиумски организации се залагаа за начелото за избор со двотретинско мнозинство и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Поради сомнеж за бомба евакуирана фабрика каде се пакува ковид вакцината на „Астра Зенека“

Илустрација

Фабрика во Велс, која ја произведува вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, денеска била делумно евакуирана откако добила сомнителен пакет, по што била испратена полициска единица за отстранување бомби.

Фабриката, со која оперира компанијата „Вокард Велика Британија“, обезбедува т.н. капацитет за полнење и завршување на ланецот за снабдување на АстраЗенека во Велика Британија, што е последниот чекор за производство на ставање вакцини во ампули или шприцеви и нивно пакување.

"Вокард Велика Британија во Вексам утрово доби сомнителен пакет. Сите релевантни органи беа веднаш известени и ангажирани. По стручен совет, делумно го евакуиравме одделот во очекување на целосна истрага. Безбедноста на нашите вработени и деловниот континуитет остануваат од огромно значење", соопшти компанијата.

Локалната полиција потврди дека единицата за отстранување бомби е на лице место и ја советуваше јавноста да ја избегнува областа.

„Во моментов имаме работа со тековен инцидент во индустрискиот имот Рексам“, се вели во соопштението од локалната полиција.

„АстраЗенека“ се согласи да ја снабди Велика Британија со 100 милиони дози вакцина, развиена од Универзитетот Оксфорд. Таа во моментов е вклучена во спор со Европската унија откако го прекина снабдувањето со блокот поради проблеми со производството во нејзината белгиска фабрика.

Сите жртви на „Јавна соба“ да пријават во полиција, апелира МВР

Илустрација - Зградата на МВР во Скопје

Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги повика сите граѓани кое се жртви на злоупотреба во случајот „Јавна соба“, да пријават во најблиската полициска станица. Од МВР велат дека во координација со обвинителството презема соодветни мерки.

„Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата Телеграм која до сега демонстрира цеосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја“, наведуваат од МВР.

„Јавна група“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа откриени околу 7.000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG