Достапни линкови

Пакистан спроведува голема кампања за вакцинирање против полио


Во Пакистан започна петдневна кампања за вакцинирањето против детска парализа (полио). Кампањата доаѓа откако годинава се регистрирани повеќе од 100 заболени од оваа болест.

Илјадници здравствени работници почнувајќи од 16 декември одат од врата до врата за да вакцинираат повеќе од 39 милиони деца под пет годни. Кампањата пред сè е насочена кон источната провинција Пенџаб, каде што треба да се вакцинираат над 19 милиони деца.

Пакистан и соседен Авганистан се единствените држави во светот каде сè уште е распространета детската парализа.

Во 2014 беа регистрирани 306 случаи, но оттогаш имаше нагло опаѓање на бројот на заразени, па во 2017 беа регистрирани само 8 случаи, а во 2018 имаше 12 случаи. Но годинава во Пакистан се забележани 104 нови случаи.

Порастот на заболувањето се препишува на тоа што многу родители одбиваат да дозволат нивните деца да примат вакцина против детска парализа.

Властите ги повикуваат родителите да им дозволат на здравствените работници да ги вакцинираат децата. Вакцинирањето се спроведува под засилени безбедносни мерки, односно здравствените работници се заштитени од полицијата и од воените сили.

Во изминатата деценија, талибанските милитанти убија многу здравствени работници, бидејќи веруваат дека кампањите против детска парализа имаат за цел да ги стерилизираат пакистанските деца.

XS
SM
MD
LG