Достапни линкови

Вести

Косово- нема договор за владина коалиција

Косово- состанок на Албин Курти од Движењето Самоопределување и Иса Мустафа од Демократскиот сојуз на Косово

Вчерашниот состанок на лидерите на двете партии победнички на октомвриските парламентарни избори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како и неколкуте претходни обиди, заврши без договор за формирање заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

По завршувањето на состанокот во Собранието на Косово, кој траеше повеќе од три часа, синоќа пред новинарите се појавија шефовите на пратеничките групи на двете партии во последниот собраниски состав, Глаук Коњуфца (ВВ) и Авдулах Хоти (ЛДК), кои кратко изјавија дека договор за коалиција се уште не е постигнат, но дека преговорите не се прекинати.

До застој во преговорите меѓу двете досега опозициски партии, кои започнаа веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето на 6 октомври, дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи. Изборите во Косово се одржаа на шести октомври.

види ги сите денешни вести

Угостителите се жалат на економските ковид мерки, од Владата негираат

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Владата со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет им подари на „локомотивите“ – членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа, реагираше денеска Независната угостителска комора (НУК).

Според НУК, при крај е трпението на угостителите кои чекаат време и покана за работна средба со Владата на која и даваат рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија. Тие велат дека „сите индустрии добиле поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време“.

Вицепемиерот задолжен за економска политика вели дека тоа не е точно.

Според него, уште во првиот и вториот актикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка процентуално гледано искористеноста во овој сектор е солидна.

Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од НУК, Битиќи денеска рече дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.

Неделен ковид извештај на ИЈЗ: Повеќе починати и повеќе оздравени

Илустрација - Ковид амбуланта на Инфективната клиника во Скопје

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 11 до 17 јануари се направени вкупно 14.111 тестирања за ковид-19, што е за 8,4 отсто повеќе од претходната недела, а регистрирани се 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, односно 3 отсто помалку од претходната недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (45,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Ресен. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 проценти, просечно 16 проценти, што претставува намалување од три отсто во споредба со минатата недела.

Видео - Помина ли најлошото во македонските ковид центри?

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (26,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (18,6%), 30-39 (17,6%), 50-59 (16,8%) и 20-29 (14,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,3%) и 10-19 години (4,7%)“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во истиот периодот се пријавени 79 смртни случаи од 23 града, со зголемување од 6,8% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.

Грција ќе издава дигитален сертификат за вакцинација

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис изјави дека почнува издавањето на дигиталниот сертификат за вакцинација, што е уште една грчка иновација. За време на состанокот за текот на спроведувањето на националниот план за вакцинација, тој додаде дека оваа потврда не значи ограничувања, туку олеснување на движењето и патувањето, јави МИА од Атина.

Грчкиот премиер објасни дека сертификатот е за потврдување на законската вакцинација и е за лична употреба на граѓаните и уште еднаш го повтори предлогот до ЕУ за „единствен сертификат по европски стандарди“.

„Не станува збор за никакво ограничување, туку напротив ќе ни олесни да се ослободиме од рестрикциите што сега ги наметнува Ковид-19 во патувањата на европските граѓани. Тоа е нешто што особено се однесува на нашиот туризам и перспективите на нашата економија, особено во пресрет на летната сезона, рече Мицотакис и додаде дека засега овој предлог наидува на топол прием.

За конкретниот грчки предлог ќе се дискутира на утрешниот Самит на ЕУ, а Мицотакис изрази надеж дека ќе се постигне договор за единствен систем за сертификација.

Тој истакна дека на Самитот ќе побара од Европската комисија да се активира за побрзо одобрување на останатите вакцини, но и да изврши притисок до Фајзер за забрзување на производството на вакцини за „компанијата да биде доследна за дозите за кои се обврза да ги достави до европските земји во првиот квартал од 2021 година“.

Трамп во последен момент го помилува поранешниот советник Стив Бенон

Стив Бенон и Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува неговиот поранешен советник Стив Бенон во последниот бран помилувања пред денешното напуштање на претседателската канцеларија. Трамп одобрил 143 помилувања и преиначувања на пресуди на широк спектар личности, вклучувајќи поранешен републикански финансиер, рап ѕвезда и поранешен градоначалник.

„Претседателот Доналд Трамп им даде помилување на 73 лица и преиначување на пресудите на други 70 лица“, се вели во соопштението на неговата администрација.

Судбината на Бенон, влијателен советник на Трамп, кој помогна во менаџирањето на претседателската кампања во 2016 година, беше една од наијинтересните за јавноста. Тој се соочи со федерални обвинувања за наводна измама на луѓе при собирање средства за изградба на граничен ѕид меѓу САД и Мексико, проект на Трамп. Бенон се изјасни за невин по овие обвиненија.

СЗО: Британскиот вид коронавирус е присутен во 60 земји

Логото на СЗО

Новиот вид на коронавирус, кој прв пат беше забележан во Велика Британија, продолжува да се шири и во минатата недела бил присутен во 60 земји и територии, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Тоа е за 10 земји повеќе отколку на 12 јануари, наведува СЗО во својот неделен епидемиолошки преглед.

Варијантата на коронавирусот од Јужна Африка, која како и британската е повеќе заразна од оригиналниот SARS-CoV-2, се шири побавно и засега е присутна во 23 земји и територии, што е за три повеќе во однос на 12 јануари.

СЗО соопшти дека го следи и ширењето на две други варијанти вирус, кои се појавија во Бразил, а потоа се забележани и во Јапонија кај 4 патници од Бразил.

Џо Бајден напладне ја презема должноста претседател на САД

Џо Бајден со сопругата Џил

По едни од најконтроверзните претседателски избори и транзициски периоди во историјата на САД, Демократот Џо Бајден денеска напладне треба да даде заклетва и да ја преземе должноста претседател, на скалите на Капитол, под силно обезбедување во Вашингтон.

Кога ќе ја стави раката на Библијата, 78-годишниот Бајден ќе стане најстарата личност што дала заклетва како американски претседател и кратко потоа ќе влезе во Белата Куќа, заменувајќи го Доналд Трамп и станувајќи 46-ти претседател на земјата.

Прв пат во 152 години, претседателот во заминување, во случајов Трамп, нема да присуствува на инаугурацијата, иако поранешните шефови на државата Џорџ В. Буш, Бил Клинтон и Барак Обама треба да бидат таму кога претседателот на Врховниот Суд Џон Робертс ќе ја раководи заклетвата на Бајден на новата функција.

Поранешниот претседател Џими Картер, кој има 96 години, рече дека нема да може да присуствува на церемонијата. Потпретседателот на Трамп, Мајк Пенс, изјави дека ќе биде таму, како и многу други републикански конгресмени.

Историја ќе се испише кога 56-годишната Камала Харис ќе положи заклетва како потпретседател и ќе стане прва жена и прва обоена личност на таа функција.

Да продолжат разговорите со Бугарија, порачуваат евро-дипломатите

Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир

Шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во Северна Македонија предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир, на редовниот годишен состанок со премиерот Зоран Заев, покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, соопшти Владата.

На вчерашниот состанок било истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побрзо да продолжи и да заврши со старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Премиерот Заев истакнал дека за нас е важно да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.

Членството на Северна Македонија во ЕУ, повторил Заев, нема алтернатива.

„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме“, додал премиерот.

Времето- многу студено утро, подоцна сончево и потопло

Времето изутринава е ведро и многу студено, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец.

Утринските темепратури, според УХМР, се движат од минус 13 до минус четири, а дневните ќе бидат од минус еден до осум степени.

Во Скопје слично време со минимална температура од минус девет и максимална од четири степени.

Утре на планините во западните делови ќе има услови за повремен снег. Во наредните денови ќе преовладува променливо облачно и потопло време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег со променлив интензитет.

Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Поради јужното воздушно струење ќе има пораст на утринските и дневните температури, што ќе предизвика побрзо топење на снегот.

Трамп: Американците да се „помолат“ за успех на идната администрација

Членови на Националната гарда се одмораат пред американскиот Капитол во Вашингтон во пресрет на утрешната 59 та инагурација на новоизбраниот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Доналд Трамп на последниот ден од неговиот мандат ги повика Американците да „се молат за успех“ на администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден во неговото проштално видео. Трамп во неговиот говор ги цитираше, како што рече, успесите на неговиот четиригодишен мандат.

„Оваа недела инаугурираме нова администрација и да се помолиме за нејзин успех во одржување на безбедна и просперитетна Америка“, истакна Трамп во дел од видео- пораката која ја објави Белата Куќа.

Трамп не го спомна Бајден во делот од видео пораката која беше објавена. Целото видео со неговиот говор се очекува да биде објавено за неколку часа.
Трамп во заминување неколку пати се обиде да ја поништи победата на Бајден на изборите на 3 ноември, тврдејќи без докази дека победата му е украдена. Ваквите тврдења десетина пати беа одбиени од неколку американски судови, а случаите покренати од правниот тим на претседателот пропаднаа во Врховниот суд.


Тој неодамна изјави дека нема да присуствува на инагурацијата на Бајден закажана за 20 јануари, со што создаде прекин во традицијата на САД на мирен трансфер на власта.

Нови 400 заболени од коронавирус и 11 починати

Клиника за инфективни болести во Скопје

Во последните 24 часа се евидентирани нови 400 случаи на заболени од коронавирусот и 11 починати од последици од ковид-19 како и 206 оздравени пациенти. Како што соопшти Министерството за здравство, направени 2.327 тестирања, а од новите 400 случаи на заразени со коронавирусот најголемиот дел се од Скопје- вкупно 198, потоа најмногу регистрирани има во Куманово-28, Кавадарци 19 и Тетово-16.


Починати се 11 лица од кои пет од Скопје (82, 63, 75, 74 и 53), едно од Битола (66), од Струмица (70), Кавадрци (55), еден пациент од Струга (77), еден од Кочани (71) и еден од Пехчево (71). Пациентите се починати во болнички услови.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 89.392, бројот на оздравени пациенти е 73.983, на починати е 2.726, а бројот на активни случаи изнесува 12.683.

Видео на Навални за „Палатата на Путин“ од милијарда долари

Фотографија од таканаречената „Палата на Путин“ објавена од антикоруциската фондација на Алексеј Навални

Руската антикорупциска фондација на опозицискиот лидер Алексеј Навални денеска објави афера во која е инволвиран рускиот претседател Владимир Путин, на само еден ден по апсењето на Навални.

Во аферата именувана како „ Палатата на Путин“ се тврди дека луксузна палата изградена на заливот на Црното Море наменета за рускиот владетел чини 1,3 милијарди американски долари а зафаќа простор од 17 илјади хектари . Во извештајот е наведено дека во луксузниот имот е вклучена црква 2,5 илјади метри квадратни стаклена градина, амфитеатар, неколку станбени згради и „специјален тунел“ што води до брегот. Во самата палата се вклучени домашно кино, лоби со бар, казино и сала со автомати и базени.

За прв пат на јавноста и се достапни фотографии од внатрешноста на имотот долго познат како Палатата на Путин, кој во јавноста негираше каква било поврзаност со имотот. Според руската политичка опозицијата, луксзуниот имот стана безобразен симбол на неконтролирана државна корупција што доаѓа од самиот врв.

„Ова е една од најдобро чуваните места во Русија и ова е најголемата тајна на Путин, која е заштитена од стотици па дури и илјадници непознати луѓе во Русија, “ вели Навални како наратор на почетокот од двочасовното видео објавено на Јутјуб.

Внатрешноста на таканаречената Палата на Путин - фотографија објавена од антикорупската фондација на Алексеј Навални
Внатрешноста на таканаречената Палата на Путин - фотографија објавена од антикорупската фондација на Алексеј Навални

Според објавените податоци во извештајот имотот кој е 39 пати поголем од Монако, „бил изграден за да не може да му се пристапи ниту од копно, ниту од мора или од воздух со тампон зона од околу 7 илјади хектари наводно во сопственост на моќната Федерална безбедносна служба и изнајмен од фирма што е сопственик на палатата.

Во извештајот е наведено дека е воведена и зона на забрана за летови околу територијата на имотот. Таканаречаната „Палата на Путин“ е изградена во период од 2005 до 2010 година. Истрагата на антикорупциската фондација покажала дека палатата е во сопственост на фирмата наречена Бином, а управувана од луѓе кои наводно се поврзани со внукот на Путин, Микаил Шеломов, но вистинскиот сопственик, како што се тврди во истрагата е Путин.

Ова двочасовно видео проследено со веб страна посветена на аферата денеска е објавено, на само еден ден по одлуката на Московскиот суд да се задржи во 30 дневен притвор Навални додека го чека судењето за обвиненијата кој тој ги опиша како политички мотивирани.

Остра реторика меѓу Вучиќ и Харадинај за „Голема Албанија“

Илустрација

Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека најавата на кандидатот за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, за можното обединување на Косово со Албанија претставува закана не само за Србија, туку и за регионот, Европа и целиот свет. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека Србија нема да возврати со закана на закана. Вучиќ коментирајќи ја оваа изјава, кажа дека би сакал да слушне некои реакции од Брисел или Вашингтон.
„Бидејќи, не дај Боже, некој во Србија од толку високо место да зборуваше за некои други видови на обединување на Балканот, тие многу скоро би не бомбардирале. Но, бесмислено е да се зборува повеќе за двојните аршини,“ изјави тој.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, во понеделникот изјави дека Европската унија, со своето однесување кон Косово, може да го принуди Косово да се обедини со Албанија.
Денеска Харадинај по изјавата на Вучиќ искоментира дека Србија треба да го признае Косово за да спречи создавање на „ Голема Албанија“.
„Не се плашете господине Вучиќ. Нема потреба и да се нервирате. Косово го бара само тоа што му припаѓа. Доколку вие и останатите сакате да спречите референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година, има еден многу едноставен начин: Србија да го признае Косово како независна држава. Понатаму Косово го знае својот пат за зачленување во НАТО, ЕУ и ОН. Со хистерична реторика нема да го спречите нашето право да ја дефинираме иднината на Косово, порача Харадинај преку својот официјален Фејсбук профил.
Тој додаде дека неговата вчерашна изјава и заложба за обединување со Албанија е резултат на „постојаната небрежност на Брисел кон Косово“.

Православни верници во Црна Гора пливаа по крстот и покрај забраните

Во неколку градови во Црна Гора верниците од српската православна црква пливаа во потрага по по Светиот Богојавленски крст кој се фрла во водите по повод празникот Водици или Богојавление. Ова се случува и покрај тоа што во Црна Гора на сила се мерките за забрана за групирање на граѓани. Свештеникот Данило Трпчевски поради организација на верскиот обред во Подгорица каде што по крстот во вода се фрлиле 15-тина верници, се повикан на информативен разговор во полиција. Скокањето во вода по крст како верски обред е одржан во Подгорица, Бару, Бело поле, Херцег Нови, и неколку други помали градови. Во дел од овие градови каде што се оддржал обредот, полицијата направила записник и го доставила до надлежното обвинителство.

Владата со план за работа за рамковните административци

Илустрација, владина седница


Владата денеска донесе одлука со која се усвојува планот за распределба на рамковно вработените административци. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска најави дека новите решенија за работа ќе им бидат доделени на административните службеници во наредните неколку денови.

Министерството за информатичко општество и администрација, е задолжено во рок од седум дена од приемот на актите за систематизација на овие административни службеници, во рамки на своите надлежности да ја заврши постапката за согласност за работните места каде што ќе бидат сместени овие административни службеници.


Груби посочува дека органите на државната администрација се должни на административните службеници кои ќе ги прифатат во нивните институции да им овозможат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини.

Осуден за шпионажа американско-ирански бизнисмен во Техеран

Илустрација, суд во Техеран

Иранскиот суд осуди американско- ирански бизнисмен кој беше обвинет за шпионажа, објавија денеска американските медиуми. Ова се случува во период кога односите меѓу двете земји се соочуваат со големи тендии. Стејт департментот соопшти дека „ имаат сознанија за случај во кој е приведен и друг американски државјанин во Иран“.
Според извештаите на иранските медиуми станува збор за Емад Шарки, кој бил назнален за заменик – шеф за меѓународно работи во иранската компанија нареан Сарава. На веб страницата на новинаската агенција „Клуб на млади новинари“ е посочено дека Шарки бил уапсен „во обид нелегално да ја напушти земјата преку западната граница на Иран“, објавува радио Фарда на РСЕ.
Поранешниот извршен директор на Сарава Холдинг, Саид Рахмани во 2019 година поднесе оставка и го напушти Иран.
Иранската новинаска агенција не наведува во извештајот кој е осудениот американско- ирански државјанин, бидејќи Техеран не дозволува двојно државјанство.

Чеку ослободен од обвинението за злоупотреба на државни пари

Агим Чеку, поранешен премиер и поранешен министер за одбрана во Косово

Косовскиот суд донесе одлука со која ги ослободува од обвинението поранешниот премиер Агим Чеку и 11 други поранешни владини претставници за злоупотреба на буџетски пари за социјална помош наменета за лажни воени ветерани.

Основниот суд во Приштина денеска донесе одлука за ослободување на Чеку и 11 негови соработници меѓу кои и поранешниот министер за одбрана и неколку поранешни пратеници. Тие беа обвинети за злоупотреба на службена должност со додавање на луѓе на списокот составен од Владата за помош на ветерани од ОВК.

Специјалното обвинителство во Косово покрена обвинение против нив во 2018 година за нелегални исплати на 19 илјади луѓе кои не се бореле во воениот конфликт од 1998 до 1999 година, со што, според обвинението, биле генерирани десетици милиони евра загуби во државниот буџет.


Сите обвинети беа членови на владината комисија формирана во 2012 година која го составувала списокот за проверка на воени ветерани. Комисијата во 2016 година објави список со 46 илјади луѓе на него кои имале право на бенефиции како воени ветерани.

Комисијата била предводена од Чеку, поранешен командат во ОВК, поранешен премиер и поранешен министер за одбрана. Меѓу обвинетите беа и поранешниот министер за одбрана Руштем Бериша, и тројца поранешни пратеници Шкумбим Демалиај, Нуредин Луштаку и Шукри Буја.

Теохарис: Вакцинацијата не треба да биде предуслов за патување


Луѓето што ќе ја примат вакцината против ковид-19 треба слободно да се движат, но не треба вакцинацијата да биде предуслов или задолжителна за патување, изјави денеска грчкиот министер за туризам Харис Теохарис на состанокот во Мадрид на Комитетот за управување со кризи на Светската туристичка организација, јавува новинската агенција МИА.


Теохарис како претседател на техничкиот тим на Комитетот, на состанокот презентирал детален предлог за потребата за координирање на владите со туристичката индустрија за безбедно и ефективно враќање на слободното и безбедно патување. Тој на состанокот изјавил дека планот треба да се заснова на три столба: вакцинација, интероперабилност на податоците и брзи тестови.


Во однос на предлогот на грчката Влада за сертификатот за вакцинација, министерот за туризам на Грција рекол дека е потребно усвојување на заеднички правила за начинот на кој ќе се издава, за предусловите и за можната употреба.

Мицкоски и Николовски во Будимпешта на средби со колеги од сестрински партии

Архивска фотографија, Прес-конференција на Христијан Мицкоски,

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николовски денеска во Будимпешта се сретнаа со Претседателот на комитетот за надворешни работи на Парламентот на Унгарија Золт Немет и пратеникот на партијата Фидес Габор Домос, се вели во соопштението од партијата.
Во него се наведува дека на средбата се разговарало за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.
Мицкоски истакнал дека граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија, се вели во соопштението.
„ Друг значаен проблем е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето што е една од причините кочничар за напредок на државата на патот кон ЕУ,“ рекол Мицкоски, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата беа констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии како и можноста тие дополнително да се продлабочат.

Лидерите на ЕУ во четврток ќе дебатираат за стратегијата за вакцинација

Илустрација, Состанок на лидерите на ЕУ

Бројот на смртни случаи настанати од последици од ковид-19 во Европската унија надмина 400 илјади, изјави еврокомесарката за здравство Стела Киријакидер во Европскиот парламент. Оваа информација доаѓа во период кога во ЕУ се прават планови за забрзување на кампањата за масовна вакцинација. Таа во својот говор посочи дека изминативе 10 месеци биле потешки „ отколку шшто некој од нас можеше да замисли“.

„ Но, ние исто така ја свртевме странцата и оваа 2021 година ја стартувавме со моќна алатка во рацете“, изјави таа.

Стравувањата од мутациите од вирусот ковид-19, за кои се верува дека се позаразни почнаа да растат. Се очекува Европската комисија во текот на денешниот ден ќе објави труд со кој се предвидува до средината на годинава да бидат вакцинирани 70 проценти од населението во ЕУ. Темата за стратегијата за вакцинирање ќе се разгледува на он лајн состанокот меѓу лидерите на ЕУ на 21 јануари.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, најави дека набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на состанокот на лидерите на членките на Европската унија
„Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко“, изјави Мишел.
Мишел повика, покрај почетокот на вакцинацијата, да се продолжи со обемно тестирање и следење на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење во рамките на ЕУ

Инспекторатот за животна средина мета на хакери

Интернет страна на државниот инспекторат за животна средина

Државниот инспекторат за животна средина соопшти денеска дека вчера вечер биле цел на хакерски напад. Во нивното соопштение е наведено дека околу 12:00 часот на полноќ, на 18-ти наспрема 19-ти јануари 2021 година, поголем број медиуми добиле стари соопштенија испратени од е-мејл адреси на Државниот инспекторат за животна средина.

Според првичните информации, во консултации со стручни лица, потврдено е дека станува збор за хакерски напад во е-мејл платформата на Инспекторатот.
„Овој настан го сметаме за притисок врз работата и сакаме да ја известиме целата јавност дека ќе продолжиме со извршување на нашата работа, на транспарентен и отчетен начин, упорно и неселективно“, се наведува во соопштението на Инспекторатот.

Нов бран насилство во Авганистан

Најмалку дваесетина луѓе загинаа во Авганистан во новиот бран насилство кој се случи изминатово деноноќие, додека во Катар се во тек мировни разговори меѓу Владата и талибански милитанти. Министерството за одбрана објави дека вчеравечер биле убиени 4 авганистански војници при напади на Талибанци врз контролни пунктови во северната провинција Кундуз. Во соопштението е наведено дека при нападите биле убиени 12 талибански милитанти, а 12 биле ранети.

Член на покраинскиот совет во Кудуз Гулам Рабани Рабани тврди дека во изминатиов период се поголеми загубите на авганистанските сили, односно дека 25 војници се убиени во одделни напади во нивната област. Несогласувањето на пријавените жртви не може да се потврди независно бидејќи Кундуз е ограничен за пристап на новинари, а Талибанците се движат во руралните области на покраината.

Угостителите ќе работат до 21 часот од четврток

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Владата денеска донесе одлука со која од четврток угостителските објекти ќе може да работат до 21 часот. По завршувањето на владината седница, премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека оваа одлука е донесена откако биле разгледани епидемиолошките насоки.


„Со оваа одлука заршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензиските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети“, објави Заев.


Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека следната недела, откако ќе ја анализираат епидемиолошката состојба во земјата, можно е дополнително олабавување на мерките, односно работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот.

Охриѓани се искапеа во езерото за Водици

Архивска фотографија, Илустрација

Најмасовната верска манифестација осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на крстот по повод празникот Богојавление- Водици годинава се одбележа поинаку поради епидемијата со коронавирусот. Во сите цркви на Дебарско-кичевската епархија се одржаа свети литургии, а крстот се фрлаше во крстилниците.

На церемонијата во црквата „Свети Никола Геракомија“ крстот од црковниот казан го извади Никола Чорбески по што Чесниот крст го положија во езерото. Не изостана и традиционалното капење во осветените езерски води, но овојпат без масовност и на поинаков начин, со придржување кон протоколите и согласно апелите од црквата и властите.

Многумина верници влегоа во Охридското Езеро за да ја продолжат традицијата, да се искапат за здравје, но сето тоа беше индивидуално и без поголеми групирања.

Средношколците најавија бојкот на наставата од четврток

Илустрација, архивска фотографија, средношколци на протест

Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата од четврток, односно, од почетокот на второто полугодие, се додека, како што велат, не се прифатат нивните барања од властите. Тие посочуваат дека ваквата одлука ја донеле во консултација со претставници на средношколци низ земјава, како и заедно со матурантите. Средношколците бараат од Министерството за образование и наука да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат од 4 на два, односно првиот предмет да биде задолжителен мајчин јазик, македонски, албански, турски, додека вториот предмет да биде по избор на ученикот. Дополнително, тука ја вбројуваат и проектната задача.

Во соопштението на Сојузот на средношколци е наведено дека бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.

„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит“, стои во соопштението на Сојузот.

Затворен втор ковид- центар на скопската клиника

Ковид-19 центар во Скопје

Денеска ќе биде затворен ковид-центарот во Клиниката за уво, нос и грло. Таму во моментов се хоспитализирани 4 пациенти и тие во текот на денешниот ден ќе се префрлат во друг клиника, информираше Министерството за здравство. Ова е втор ковид- центар кој се затвора неделава.

Вчера беше затворен и ковид- центарот сместен во Клиниката за очни болести. Затворањето доаѓа откако се бележи намалување на бројот на хоспитализирани пациенти. Според денешните извештаи, во ковид-центрите во Скопје се сместени помалку од 300 пациенти, а во болниците во цела држава се хоспитализирани. Бројот на слободни кревети, пак, изнесува 621.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG