Достапни линкови

„Метлата“ пак актуелна, сега во судството


Скопје- Министерката за правда Рената Дескоска во рамки на акцијата за чистење му подари метла на претседателот на Судскиот совет Киро Здравев

Министерката за правда Рената Дескоска денеска на акцијата за чистење на Скопје во која се вклучија владините претставници и администрацијата на претседателот на Судскиот совет Киро Здравев му подари метла.

„Златната метла што некој ја остави пред неколку месеци пред Министерството за правда денеска му ја предадов на претседателот на Судскиот совет. По завршувањето на законската рамка за судовите, сега тежиштето е на Судскиот совет. Метлата е на вистинската адреса“, напиша Дескоска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Во друштво на Здравев додека министерката му ја предаваше метлата беа и државниот обвинител Љубомир Јовески и претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев.

Актуелната власт пред парламентарните избори во 2016 година, тогаш како опозиција, ветуваше реизбор во судството, но потоа велеа дека не може да се спроведе поради укажувањето од Европската унија дека земјава може да остане без судии. Темата повторно се актуализираше по некои одлуки на судската власт, а Дескоска најави дека ветингот во судството ќе се спроведе по изборите договорени за пролет 2020 година бидејќи е тешко да се обезбеди мнозинство за носење законски измени во актуелниот состав на Парламентот.

„Метлата“ во македонската политика,пак, беше актуелна за време на претседателските избори годинава кога по првиот круг премиерот Зоран Заев незадоволен од резултатите најави „метла“ за функционерите кои не си ја вршат добро работата, по што на една од изборните трибини доби и подарок метла.

XS
SM
MD
LG