Достапни линкови

Владата предлага еколошки данок за возила


Застанати возила на трета сообраќајна лента во Скопје

Владата предлага нов данок на возила со еколошка компонента. Доколку возилото помалку загадува, ќе се плаќа понизок данок за увоз. Ова го предвидува новиот предлог законот за данок на моторни возила кој е веќе влезен во собраниска процедура, а се очекува да важи од почетокот на 2020 година.

„ Со новиот предлог-закон се стимулира набавката на еколошки возила. Најчесто купуваните возила меѓу 8 и 15.000 евра, со еуро стандард 5 или 6, ќе имаат дури и помал данок. Целта на новиот начин на оданочување на возилата е да се влијае на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во текот на целата година“ изјави министерката за финансии Нина Ангеловскапри презентацијата на предлог законот.

Според нејзиното објаснување новата регулатива, пресметувањето на данокот ќе се врши врз основа на две компоненти: вредноста на возилото и висината на емисијата на јаглероден диоксид кај возилото. На овој начин, еколошките возила со пониска стапка на емисија на ЦО2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои повеќе загадуваат.

За електричните возила воопшто ќе нема данок, како и за нови возила за прва помош и за погребални услуги. За возила наменети за такси превозни услуги, повратот на данок изнесува 25 отсто кај автомобилите додека оние што имаат 7+1 и 8+1 седиште, ќе имаат поврат на данок до 80 отсто. Хибридните возила ќе подлежат на ослободување до 50 проценти од данокот.

Граѓаните кои ќе набавуваат возило по стапувањето во сила на новиот закон, ќе имаат на располагање Калкулатор на веб страната на Царинската управа, за пресметка на данокот.

XS
SM
MD
LG