Достапни линкови

Русија протерува двајца германски дипломати


Седиштето на Министерството за надворешни работи во Москва .

Руските власти соопштија дека ќе протераат двајца германски дипломати, како одговор на сличен ваков потег од страна на Берлин минатата недела.

Од Министерството за надворешни работи во Москва денеска соопштија дека го повикале германскиот амбасадор во земјата, Геза Андреас фон Гејр, и го известиле дека двајцата германски дипломати имаат седум дена да ја напуштат Русија.

„Водејќи се од принципот на реципроцитет и член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, руската страна одлучи да прогласи двајца вработени во германската амбасада во Русија, за персона нон-грата“, се вели во соопштението.

Германските власти минатата недела избрка двајца руски дипломати, откако Федералното обвинителство на 4 декември соопшти дека има доволно докази дека руските владини агенции или чеченските регионални агенции наредиле убиство на Груезиец со чеченско потекло во Берлин.

Москва ги отфрли обвинувањата за вмешаност во случајот. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе мора да преземе мерки како одговор на „неоснованите и непријателски чекори на Германија“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека дипломатите биле протерани како неопходна, реципрочна мерка, и дека се надева оти ова нема да се одрази на идниот развој на конструктивниот дијалогот што го имаат со Германија.

По соопштението од руското министерство, реагираа од германското Министерство за надворешни работи и изразија жалење за одлуката. За нив потегот на Москва е „неоправдан“.

XS
SM
MD
LG