Достапни линкови

Кундера го доби назад чешкото државјанство


Писателот Милан Кундера.

Повеќе од четири децении од кога избега од комунизмот во својата татковина, на познатиот писател Милан Кундера му беше вратено чешкото државјанство.

Чешкиот амбасадор во Франција, Петр Друлак, за државната телевизија изјави дека државјанството на 90-годишниот автор му било предадено во неговиот апартман во Париз на 28 ноември. „Ова е многу важен симболичен гест, симболично враќање на најголемиот чешки писател“, рече тој.

Кундера избега од тогаш комунистичката Чехословачка во 1975 година. Четири години подоцна, комунистичкиот режим ги забрани неговите книги и му го одзеде државјанството по објавувањето на романот „Книга за смеата и за заборавот“, во кој го нарекува тогашниот претседател Густвав Хусак „претседател на заборавот“. Кундера доби француско државјанство во 1981 година и ретко доаѓаше во својата татковина, дури и по падот на комунизмот во 1989 година и распадот на Чехословачка во 1993 година. Чешкиот премиер Андреј Бабиш ја активираше идејата за враќање на државјанството на Кундера по нивната меѓусебна средба во Париз минатата година. Кундера е автор на многу книги, меѓу кои и романите Шега, Неподнослива леснотија на постоењето и Бесмртност.

XS
SM
MD
LG