Достапни линкови

Заев - До 2024 ќе се одвојува два отсто од БДП за одбрана


Северна Македонија ќе одвојува два отсто БДП за одбрана во 2024, а можеби и порано, рече премиерот Зоран Заев на конференцијата „НАТО се ангажира“ . Тој вели дека последните две и пол години е дуплиран трошокот за одбрана. Се очекува Македонија во следните месеци да стане полноправна членка на НАТО.

Запрашан дали е загрижен што неговата земја се зачленува во Северноатлантската алијанса во момент кога некои земји членки ја доведуваат во прашање нејзината иднина, Заев посочи дека станува збор за „политичка дебата“.

Заев го делеше панелот со полскиот претседател, Анджеј Дуда, чија земја се наоѓа во деликатна позиција поради тензиите помеѓу Франција и Турција. Додека францускиот претседател, Емануел Макрон, сугерира „затоплување“ на односите со Русија, турскиот претседател се закани дека ќе го попречи дејството на Алијансата на Балтикот доколку НАТО не ги признае курдските воени групи како терористи.

Дуда, меѓутоа, истакна дека НАТО како сојуз на речиси триесет земји е „огромно поле на расправи“ и најави дека ќе се сретне со Реџеп Таип Ердоган утре со кого ќе се обиде да изнајде компромис.

Премиерот Заев заедно со министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи учествува на самитот на лидерите на земјите членки на НАТО.

XS
SM
MD
LG