Достапни линкови

Расте бројот на загинати во Албанија, ДЗС испрати спасувачки тим


Албанија - Војската и спасувачки екипи носат повреден човек во близина на оштетените згради во Тумане од земјотресот кој денеска ја погоди земјата. 26.11.2019.

Тим од 41 лице координиран од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е испратен во Албанија да учествува во акциите за спасување и справување со последиците од силниот земјотрес кој утринава ја погоди земјата, соопштуваат од ДЗС.

Според последните информации, најмалку 20 лица се загинати, а повеќе од 600 се повредени во неколкуте земјотреси кои ја погодина утринава Албанија, последниот забележан попладнево во 14:05 часот со епицентар во Јадранското Море, на длабочина од 10 километри.

35 спасувачи од македонскиот тим се припадници на Републичките сили за заштита и спасување специјализирани за спасување од урнатини, двајца се водичи со кучиња од МВР за пребарување на теренот и четири лица се од Црвениот крст на РСМ.

Освен тимот на ДЗС, испратени се и 11 возила со специјализирана опрема за спасување и расчистување на теренот.

Директорот на ДЗС Аднан Џафероски во соопштението наведува дека во текот на целиот ден бил во контакт со сите релевантни институции кои понудиле помош, а изрази и сочувство за жртвите од земјотресот во Албанија.

XS
SM
MD
LG