Достапни линкови

Вести

Писмо до ЕУ - Исправете ја грешката кон Скопје и Тирана

Европското НЕ за почеток на пристапни преговори за Македонија и Албанија е стратешка грешка и ги поткопува авторитетот и кредибилитетот на ЕУ, пишуваат во отвореното писмо на 10 поранешни министри за надворешни работи, меѓу кои и поранешните шефови на македонската и грчката дипломатија Никола Поповски и на Никос Коѕијас, кои воедно ја повикуваат Унијата да ги надмине разликите за конкретното прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

Отвореното писмо го објавува грчкиот весник „Та неа“, а потписници се, освен Поповски и Коѕијас, и поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Црна Гора Игор Лукшиќ, поранешниот заменик канцелар и министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, поранешната вицепремиерка на Хрватска и поранешна МНР, Весна Пушиќ, како и поранешните шефови на дипломатиите на Албанија, Дитмир Бушати, на Кипар, Јоанис Касулидис, на Бугарија, Кристијан Вгенин на Австрија,Карин Кнајсл и поранешниот министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ.

Тие пишуваат дека блокадата од ЕУ за Македонија и Албанија ја става под знак прашалник способноста на Унијата за создавање стратешки разврски и стабилност во Југоисточна Европа.

види ги сите денешни вести

Се очекува враќање на Навални во Москва

Алексеј Навални

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални планира денеска да се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше откако беше отровен со нервниот агенс новичок, пренесува АП. Наскоро се очекува тој да полета од Берлин до Москва.

Навални во средата објави дека планира да се врати во Русија, за прв пат откако беше отровен со нервен агенс во август 2020 година и покрај ризикот да биде затворен по враќањето од Германија.

Руската затворска служба објави дека има намера да го уапси Навални доколку се врати во Русија, бидејќи не ги почитувал обврските за условната затворска казна што му беше изречена во 2015 година.

Навални во Русија може да добие затворска казна од 3,5 години

Тој изјави дека првобитниот случај против него е измислен и дека во тоа време бил во Германија на лекување, па затоа не можел да се пријави.
Од затворската служба, сепак, велат дека тој бил пуштен од берлинската болница во септември и дека требало да се врати во Москва и да се пријави.

Во Скопје санкционирани 213 возачи, 306 казни за неносење маска

Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден на територијата на град Скопје изрече вкупно 213 мерки. Од нив за возење без возачка дозвола 23 санкции, 14 мерки за нерегистрирани и технички неисправни возила, 25 за користење на мобилен телефон. Изречени се осум санкции за минување на црвено светло, пет за непочитување на брзината на движење, 45 мерки за непрописно паркирани возила и седум за неносење заштитна маска.

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 306 прекршоци, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со Ковид-19.

До вчера вакцинирани 22 илјади лица во Србија

Заклучно со вчерашниот ден, 22.000 лица биле вакцинирани против коронавирус во Србија, а имунизациите биле извршени во 10 градови, изјави државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Џерлек.

ој посочи дека сè поминало без никакви проблеми, како и дека интересот за вакцинација е поголем од очекуваниот. Како што соопшти, преку веб-страницата на е-влада досега се пријавиле околу 280.000 граѓани кои се заинтересирани да примат вакцина.

Кинеските вакцини пристигнаа во Србија

Џерлек вели дека целта е во наредните денови да се отворат повеќе од 300 пунктови за вакцинација низ цела Србија.

Расте бројот на заразени, Франција го врати полицискиот час

Франција го врати во сила полицискиот час, откако земјата го надмина прагот на 70.000 смртни случаи поради Ковид-19 од почетокот на пандемијата, соопштија здравствените власти.

Вкупно 70.142 лица починаа како резултат на болеста, од нив 196 во последните 24 часа, се вели во дневниот извештај на националната агенција. Бројот на новозаразени е сè уште висок со 21.406 случаи во последните 24 часа.
Во обид да се спречи зголемувањето на бројот на заразени со вирусот, полицискиот час повторно почна вчера од 18 до 6 часот наутро.

Гутереш:Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители

Министерството за здравство објави нови податоци за бројот на вакцинирани. Вкупно 413.046 лица се вакцинирани во саботата, за разлика од 389.000 во петокот, пренесе „Ројтерс“.

За 71 отсто помалку патници од аеродромите во Скопје и Охрид

Меѓународниот аеродром во Скопје

Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид“ поради ковид пандемијата минатата година ја завршија со 782 876 патници, за 71 отсто помалку во однос на 2019 година. Една од опциите за надминување на состојбата е да се овозможи систематско тестирање на патниците на аеродромите, што го иницирал кај Владата аеродромскиот оператор.

Најголемата пречка за закрепнување на македонскиот воздушен сообраќај е забраната за патување поради КОВИД-19 воведена од земјите на ЕУ/Шенген за носителите на македонски пасош. Додека не се отстранат тие ограничувања и луѓето не почнат слободно да патуваат од туристички причини како што правеа претходно, ќе се соочуваме со тешкотии, велат од ТАВ Македонија.

„Една од опциите за надминување на оваа состојба е иницијативата што ѝ ја предложивме на Владата на Република Северна Македонија – систематско тестирање за КОВИД-19 на аеродромите во Скопје и Охрид, што доколку биде прифатено од ЕУ, треба да овозможи слободен влез на македонските граѓани во земјите на ЕУ каде е концентриран над 77 проценти од македонскиот воздушен сообраќај“, наведуваат од ТАВ Македонија.

Тест за Ковид 19, па во авион

За време на оваа пандемија авиокомпаниите брзо и постојано го менуваат распоредот на летовите. Тие најавуваат одреден лет, но подоцна можат да го откажат, во зависност од правилата за патување на владите воведени поради КОВИД-19.

Фејсбук и Твитер му ги вратија профилите на Трамп

Доналд Трамп

Страниците на актуелниот американски претседател Доналд Трамп на Фејсбук и на Инстаграм се активни од неодамнешната блокада. Претходно, Марк Цукерберг, сопственикот на Фејсбук, напиша дека страниците на Трамп ќе останат блокирани сè додека не ја напушти функцијата.

Големите американски социјални мрежи ги блокираа страниците на Трамп откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на Конгресот. Тие повикаа на преглед на резултатите од неодамнешните избори, на кои ривалот на Трамп, демократскиот кандидат Џо Бајден, освои мнозинство гласови.

Твитер трајно го забрани профилот на Трамп

Фејсбук забранет за Трамп на неопределено време

Инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден ќе се одржи на 20 јануари. Сите 50 американски држави и областа Колумбија се во состојба на готовност за можни насилни протести викендов пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател.

Подготвен планот за вакцинација, првите вакцини следниот месец

Следниот месец, според здравствените власти, се очекува да пристигнат првите дози вакцини во државава од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот, а здравствениот систем, како што велат, е подготвен за вакцинација.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на седница на Владата ги претстави најновите информации за набавката на MРНА вакцини против КОВИД-19 од производителот Фајзер, за продолжувањето на интензивните контакти за набавка и испорака на оваа вакцина, вклучувајќи ги аспектите на постапката за набавка која треба да се спроведе, како и за регистрација на вакцината во државава.

Нови 361 заразени со коронавирус, 14 лица починале

Според Филипче, здравствениот систем е целосно подготвен за вакцинација, а во февруари се очекува да пристигнат првите дози од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот. Веќе се пристигнати два фрижидера кои беа најавувани како донација за фајзеровата вакцина која се чува на -70 степени, а уште три се очекуваат во текот на следните недели. Во еден фрижидер може да се складираат 100 илјади дози вакцини.

Македонија по вторпат на Европско првенство во одбојка

Македонската одбојкарска репрезентација

Македонија и вторпат едноподруго ќе игра на Европското првенство во одбојка. Нашите репрезентативци дојдоа до потребната победа од 3:1 и на тој начин математички го обезбеди пласманот на Европското првенство како одлично пласирана втора селекција од квалификациските турнири, што ќе претставува втор континентален собир за нашите најдобри одбојкари кои веќе не претставуваа на европската сцена пред две години.

Капитенот Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов беа убедливо најдобри во победата со по 24 и 23 реализриани поени.Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев изјави дека против Турција одигравме тимски, борбено и заслужено сме на Европското првенство и тоа по втор пат.

Турците остануваат првопласирани во групата, но Македонија со три победи на вкупно четирите средби е многу блиску до промоција како една од најдобрите пет второпласирани репрезентации во седумте групи. Неколку групи се уште не се ниту стартувани, па не може да следи официјална промоција, но со одличните игри и резултати на двата турнири во Скопје многу извесно е дека нашите одбојкари повторно ќе бидат дел од еден континентален собир, втор во низа за избраниците на Матијашевиќ.

Димовски е новиот претседател на Социјалистичката партија

Љупчо Димовски

Пратеникот Љупчо Димовски е избран за нов претседател на Социјалистичката партија, на конгрес кој вчера се одржа во Кратово. Тој доаѓа на местото на Љубисав Иванов – Ѕинго, кој 25 години беше претседател на социјалистите, а почина во ноември, минатата година.

Димовски е поранешен министер за земјоделство во една од владите на ВМРО-ДПМНЕ, и е еден од петтемина пратеници кои беа обвинети, а потоа амнестирани за насилствата во парламентот на 27 април.

Почина Љубисав Иванов - Ѕинго

Димовски е дипломиран економист. Роден е во Велес на 9 април во 1959 година. До 2008 година работи како генерален директор на ЈП „Паркови зеленило“-Скопје. До 2009 е заменик министер за транспорт и врски, а потоа до 2014-та е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од 2014-та, Димовски е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Времето денеска ведро и студено

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и студено. Во северните делови променливо облачно, во текот на ноќта со услови на места да провејува слаб снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.

Минималната температура e во интервал од -13 до -4, а максималната ќе достигне од -7 до 3 степени.

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со умерен северозападен ветер. Во текот на ноќта во делови од котлината ќе провејува слаб снег. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне 0 степени.

Македонската ракометна репрезентација убедливо поразена од Египет

Ракометната селекција на Македонија доживеа втор пораз на Светското првенство во Египет, откако со убедливи 38-19 беше поразена од домашната селекција на Египет предводена од поранешниот стратег на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

Слабата игра во одбраната од мечот со Шведска продолжи и вечерва. Со 20 примени гола, само шест постигнати во првиот дел, а ништо подобра не беше нашата игра и во вторите 30 минути, домаќинот полесно од очекуваното впиша уште една победа на овој собир, по воведната над Чиле.

Лазаров, Маркоски и Пешевски со по три гола беа најпрецизни во македонскиот табор, додека Шебиб со осум гола беше прв стрелец кај домаќините.
Клучен за пласман во втората фаза е дуелот со Чиле закажан за понеделник.

Нови 361 заразени со коронавирус, 14 лица починале

Во последните 24 часа се направени 2176 тестирања, а регистрирани се 361 нови случаи на ковид-19 и тоа во следните градови: Скопје-164, Куманово-17, Тетово-12, Прилеп-15, Гостивар-16, Штип-8, Битола-4, Велес-16, Охрид-13, Струмица-9, Кавадарци-8, Струга-5, Кочани-9, Кичево-10, Гевгелија-2, Неготино-4, Делчево-6, Дебар-7, Крива Паланка-5, Ресен-9, Радовиш-4, Берово-7, Виница-1, Валандово-2, Македонски Брод-1, Кратово-3, Крушево-2, Пехчево-2 лица.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 2116 оздравени пациенти.
Починати се 14 лица. Од нив тројца се починати во домашни,а останатите во болнички услови.

Во ковид центрите во Скопје примени 22 нови пациенти

Со овие податоци, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88749, бројката на оздравени пациенти е 71592, на починати е 2696, а бројот на активни случаи изнесува 14461.

Бајден номинираше дипломати ветерани за највисоките државни функции

Венди Шерман

Новоизбраниот претседател на Соединетите Држави Џо Бајден ја номинираше ветеранката за надворешна политика на САД, Венди Шерман која беше клучен преговарач за нуклеарниот договор со Иран во 2015 година, за втората највисока позиција во Стејт департментот.

Бајден исто така ја номинираше Викторија Нуланд, пензиониран службеник за надворешни работи, која беше главен претставник на САД за Европа, амбасадор на НАТО и портпарол на Стејт департментот, за потсекретар за политички работи, што е третопласирана позиција за еден американски дипломат.

Шерман, која е магистер по социјална работа, беше советник на Стејт департментот од 1997 до 2001 година, период кога беше и координатор на политиката за Северна Кореја. Од 1993 до 1996 година беше помошник државен секретар за законодавни работи. Поради нејзината поврзаност со иранскиот договор, на кој жестоко се спротивставија републиканците и некои демократи, се очекуваше таа да се соочи со проблеми за добивање потврда од Сенатот. Сепак, нејзиниот пат ќе биде полесен откако демократите на Бајден победија во два круга избори на 5 јануари, што им донесе контрола во Сенатот.

ФБИ ја анализира можноста за немири пред инаугурацијата на Бајден

Бајден исто така го назначи Брајан Меккион еден од неговите долгогодишни советници за надворешна политика, за заменик државен секретар за управување и ресурси. Тој ја номинираше Бони Џенкинс за заменик секретар за контрола на оружјето и меѓународни безбедносни работи, а Узра Зеја за потсекретар за граѓанска безбедност, демократија и човекови права.

Комитетот за надворешни работи на Сенатот во вторник ќе одржи дебата за изборот на Бајден, Антони Блинкен да биде државен секретар.

ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за законот за попис

Наум Стоилковски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе почне процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече законот. Од партијата велат дека се подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе таа акција на терен.

Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски денеска изјави дека законот е без методологија и има индиции кои укажуваат дека тој нема да се спроведе како статистичка операција. Стоилковски образложи дека акцијата за собирање на пописи би била спроведена преку подрачните единици на Министерството за правда, а луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите.

„Бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржан од сите“, рече Стоилковски.

Ќе се отвори ли пат за спроведување на пописот?

Стоилковски додава дека електронската иницијатива за потписи е уште еден начин на кревање на свесноста на населението и притоа уште еден начин за притисок врз власта во однос на овој закон кој значи спроведување на политички договор наместо на статистичка операција.

Вчера Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Гласањето по Предлог законот ќе биде дополнително закажано.

Уганда доби старо-нов претседател

Симпатизер на претседателот Мусевени се слика пред постер со неговиот лик

Долгогодишниот претседател на Уганда, Јовери Мусевени е реизбран на оваа функција, соопштија изборните власти и покрај обвинувањата на неговиот противкандидат Боби Вајн, за местење гласови. Мусевени освоил скоро 59% од гласовите, а Вин околу 35%, соопшти Изборната комисија, а објави Би-Би-Си.

Вајн кој е поранешна поп-ѕвезда, претходно вети дека ќе обезбеди докази за изборната измама. Изборната комисија негира дека имало местење на гласови.
Набљудувачите на изборите го критикуваа владиното оневозможување на пристапот до Интернет, а Вин изјави дека ќе обезбеди докази за измама откако повторно ќе се овозможи пристап до Интернет.

Десетици луѓе беа убиени во насилството пред изборите. Опозициските политичари исто така ја обвинија владата за вознемирување. Изборниот резултат му овозможува шести мандат на претседателот Мусевени.

Гутереш:Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази жалење поради бројката од два милиони починати во светот од коронавирусот, и се осврна на фактот дека солидарноста опаѓа во одговорот на светот на вирусот.

„Денес сведочиме на вакуум околу вакцината. Вакцините доаѓаат во богатите земји брзо, додека во сиромашните воопшто ги нема. Науката успева – но солидарноста опаѓа“, рече Гутереш.

Гутереш го критикуваше тоа што „некои земји договараат дополнително купување од страна, односно набавуваат повеќе од потребното“.

СЗО: 95 насто од вакцините против Ковид-19 распоредени во само 10 земји

„Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители, но вакци-национализмот ќе ги порази самите земји и ќе го успори глобалното заздравување од кризата. Ковид-19 не може да се победи поединечно, земја по земја“, вели Гутереш.

На конференцијата за медиуми претседателот на Генералното собрание на ОН Волкан Бозкир најави дека и тој и Гутереш наскоро ќе се вакцинираат. Шефот на ОН ќе ја прими вакцината следната недела, а Бозкир на 2 февруари.

Индија почна вакцинација на 300 милиони луѓе

Индија денеска ја почна најголемата кампања за вакцинација во светот. Првата вакцина во земјата со со 1,3 милијарди жители ја прими здравствен работник во државната болница во Делхи.

Владата планира да вакцинира 300 милиони луѓе до јули. Како најнаселена земја во светот по Кина, Индија исто така верува дека можеби нема потреба да ги вакцинира сите свои 1,35 милијарди жители за да создаде имунитет на стадото.

„Индија денеска претставува најголема програма за вакцинирање во светот. Ниту една земја во историјата не спровела кампања за вакцинација од толку голем обем“, рече премиерот Нарендра Моди во телевизиско обраќање до нацијата пред да започне вакцинацијата.

Околу 30 милиони здравствени работници и други работници од првата одбранбена линија ќе бидат првите што ќе примат вакцина, а потоа ќе следи вакцинирањето на 270 милиони луѓе постари од 50 години или во високоризични групи.

Во ковид центрите во Скопје примени 22 нови пациенти

Вкупно 279 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 8 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 8 во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.

Вкупно 279 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 159 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 670 и има околу 600 празни болнички кревети во ковид центрите.

Нови 403 случаи на корона, починати 10, а оздравени 339 пациенти

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, информираат од ресорното министерство.

Велика Британија ги затвора сите патнички коридори од понеделник

Велика Британија ги зајакнува граничните контроли за да спречи нови видови на коронавирус да влезат на нејзината територија, суспендирајќи ги коридорите преку кои државјани на некои земји пристигнаа на островот без задолжителен карантин.

Промената ќе стапи на сила во понеделник во 4 часот по британско време. Тогаш сите патници ќе мора да покажат негативен тест и веднаш по пристигнувањето да одат во изолација, која ќе трае десет дена, освен ако лицето не се тестира повторно по пет дена и е негативно.

Нови ограничувања во Британија за да се спречи ширењето на коронавирусот

Лондон вчера ги забрани пристигнувањата од Јужна Америка, Португалија и неколку други земји од страв од нов вид, откриен во Бразил. Велика Британија веќе е сведок на последиците од мутацијата на вирусот. Откриениот вид во Англија се покажа како позаразен и е причина за брзото ширење на вирусот низ целата земја

Армин Лашет е наследникот на Меркел

Новоизбраниот претседател на ЦДУ, Армин Лашет

Армин Лашет е избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Илјада и еден делегат на германските демохристијани денеска избираа нов претседател на партијата – на првиот виртуелен конгрес.

Како што пишува „Дојче Веле“, партискиот конгрес не е официјално за наследник на Меркел на местото германски канцелар, туку само за претседател на ЦДУ. Но, имајќи предвид дека демохристијаните се убедливо најсилната партија со месеци, како што покажуваат анкетите, автоматски се поставува прашањето за кандидатот на канцелар: кој и да е шеф на ЦДУ, треба да биде погоден и за канцелар.

ЦДУ бира наследник на Меркел

Во трката за прв човек на партијата беа и поранешниот министер за животна средина, Норберт Ретген и шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц. Изборот на Лашет веројатно би значел продолжување на политиката на Ангела Меркел.

Новиот вид коронавирус наскоро доминантен во САД

Високо заразната варијанта на корона вирусот, која за прв пат беше откриена во Велика Британија, може да стане доминантен вид во Соединетите Држави до март, соопштија здравствените власти. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести предупреди на „брзиот раст“ и ширењето на оваа варијанта во наредните недели. Истиот извор наведува дека ваквиот скок може дополнително да ги загрози здравствените системи кои се веќе оптеретени со зимскиот наплив на ковид пациенти.

Една неодамнешна студија на Службата за јавно здравје на Англија (PHE) сугерира дека оваа варијанта - која сега е доминантна во поголемиот дел од Велика Британија - е позаразна од 30 до 50% од претходните видови. Во моментов нема докази што сугерираат дека предизвикува некои посериозни болести, според Би-Би-Си.

Нови ограничувања во Британија за да се спречи ширењето на коронавирусот

Експертите исто така ја исклучуваат можноста тековните вакцини да не бидат толку ефикасни против новиот вид на вирус. Предупредувањето дојде откако новоизбраниот американски претседател Џо Бајден претстави амбициозен план за интензивирање на вакцинацијата.

Палестинскиот претседател распиша парламентарни и претседателски избори

Махмуд Абас, претседател на Палестина

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги распиша парламентарните избори за 22 мај, први по 2006 година кога екстремистичката организацијата Хамас извојуваше победа над поумерената Фатах на Абас. Тој исто така ги распиша и претседателските избори за 31 јули.

АП оценува дека изборите ќе претставуваат голем ризик за Фатах, но и за Хамас, од каде што ја поздравија одлуката за нивно распишување. И Фатах и Хамас се соочија со протести во последните неколку години затоа што не беа во можност да се помират и да обезбедат основни потреби на териториите со кои управуваат, ниту пак да напредуваат во остварувањето на аспирациите за државност. Двете организации јавно повикуваат на избори повеќе од една деценија, но никогаш не беа во можност да ги надминат недоразбирањата и договорите за тоа како да гласаат.

И покрај најавата за изборите, останува неизвесно дали тие навистина ќе се одржат. Изборите може да ги искомплицираат и плановите на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден за обновување на помошта за Палестинците и заживување на мировниот процес со Израел.

Абас: Договорите на Израел со ОАЕ и Бахреин не носат мир

Изборната победа на Хамас во 2006 година, организација што Израел и западните земји ја сметаат за терористичка, доведе до силен меѓународен притисок врз палестинските власти на Абас. Конфликтите меѓу Фатах и Хамас траеја повеќе од една година и завршија во 2007 година, кога Хамас насилно ја презеде контролата врз Појасот Газа, кој сè уште го контролираат и покрај блокадата на Израел и Египет.

Маричиќ: Коруптивното однесување е најчесто организирано

Министерот за правда, Бојан Маричиќ

Според планот на Владата за реформи во судството важно е да се испитаат сите релации на еден судија и на еден обвинител и се согласувам дека треба да се види и улогата на администрацијата и на стручните служби, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ при гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

„Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме“, изјави Маричиќ како реакција на изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која во истата емисијата откри случај со недоставување на платни налози.

Судскиот „плевел“ ќе се треби догодина

Рускоска информираше дека пред некој ден од Судскиот совет добила известување оти во фиоката на некој курир кој починал, биле откриени преку 1500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари.

ЦДУ бира наследник на Меркел

Ангела Меркел

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе го избере нејзиниот наследник.

Во трката за прв човек на партијата се поранешниот министер за животна средина, Норберт Ретген, шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, и актуелниот премиер на провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет.

Меркел – Ова е мој последен мандат на чело на германската влада

Потпретседателката на партијата Силвија Брехер, истакна дека очекува по собранието сите во ЦДУ да застанат зад избраниот кандидат и да придонесат партијата да биде обединета неколку месеци пред парламентарните избори во Германија.

Собранието на ЦДУ требаше да се одржи во декември, но беше одложено поради епидемиолошката состојба во земјата.

Над 200 казни за сообраќајни прекршоци, 370 за неносење маски

Во текот на изминатото деноноќие, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 370 прекршоци, информираат од МВР.

Во текот на вчерашниот ден полицијата продолжила со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, при што само на територијата на Град Скопје во текот на вчерашниот ден полицијата изрекла вкупно 219 мерки во областа на сообраќајот.

Како што информират од МВР, меѓу санкционираните, 18 се за возење без возачка дозвола, 10 за непочитување на брзината на движење, 9 санкции за возење под дејство на алкохол, 8 за минување на затворен семафор (црвено светло), 10 мерки за нерегистрирани и технички неисправни возила и 18 за користење на мобилен телефон. Изречени се и 62 мерки за непрописно паркирани возила.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG