Достапни линкови

Институциите една недела се информирале за отсуството на Игор Спасов


Цела недела им требало на институциите да се информираат и искординираат за случајот со осудениот Игор Спасов, кој избега од државата.

Штипскиот суд, преку соопштение информираше дека на 24 октомври по пошта го примиле писмено известување од КПД Идризово кое било испратено на 21.10 со кое се известува Судот дека осудениот Игор Спасов не се јавил на доиздржување на казната затвор, иако требало.

По обработка на известувањето, Судот следниот ден до МВР Штип доставил Наредба за спроведување на осудениот Игор Спасов на доиздржување на казната затвор во КПД Идризово, со назнака „Итно!“.

Потоа полицијата на 28 го известила судот дека Спасов не е достапен на органите на прогонот, по што Судот дал согласност за издавање на потерница на територијата на државата.

Во соопштението се наведува дека вчера биле известени од полицијата дека Спасов не се наоѓа на територијата на Македонија, по што е побарано Судот да даде согласност за распишување меѓународна потерница. Тоа го сториле и истиот ден таа е распишана.

Спасов во 2011 година беше осуден за убиството на Мартин Нешкоски. Нешкоски е убиен на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори.

XS
SM
MD
LG