Достапни линкови

Ерменија и Турција реагираат на американската резолуција за геноцид над Ерменците


Американскиот претставнички дом

Американскиот претставнички дом со големо мнозинство донесе резолуција со коjа за геноцид се сметаат убиствата на Ерменците во Отоманската империја на почетокот на 20 век. Потегот го поздрави Ерменија, но наиде на негодување од Турција.

Необврзувачката резолуција е изгласана во време на напнати односи меѓу Вашингтон и Турција, наследничка на Отоманската империја, околу неодамнешниот воен упад на Анкара во североисточна Сирија.

Ерменскиот премиер Никол Пашијан ја поздрави резолуцијата, нарекувајќи ја храбар чекор во служба на вистината и историската правда. Во серија твитови, Пашијан рече дека овој потег ќе им понуди утеха на милиони потомци на преживеаните од ерменскиот геноцид.

За време и веднаш по Првата светска војна, отоманските Турци убиле или депортирале околу 1,5 милиони Ерменци, христијанско малцинство во претежно муслиманската империја.

Турција се спротивставува на употребата на зборот геноцид за опис на убиствата. Анкара тврди дека тие загинале во граѓански судири и немало планиран напор на Отоманската империја за уништување на Ерменците.

Турција предупреди дека резолуцијата ризикува да им наштети на врските меѓу двете земји, оти доаѓа во „исклучително кревко време“ за меѓународната и регионалната безбедност.

Министерството за надворешни работи на Турција, денеска го повика американскиот амбасадор во Анкара, Дејвид Сатерфилд, за да поднесат официјална жалба за резолуцијата.

XS
SM
MD
LG