Достапни линкови

БиХ осудена во Стразбур поради неспособност да организира избори во Мостар


Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Државата Босна и Херцеговина е осудена за дискриминација од страна на Европскиот суд за човекови права поради неспособност да организира општинските избори во Мостар. Оваа ситуација го натера еден жител на Мостар да ја тужи Владата на својата земја, јави дописникот на МИА.

Последните општински избори во Мостар беа организирани во 2008 година. Следните избори не можеа да се одржат поради немање политички договор за тоа како да се организираат. Според пописот во 2013 година, 48,4 отсто од 106.000 жители на Мостар се Хрвати и 44,2 отсто Босанци.

Ирма Баралија, 34-годишна жителка на Мостар поднесе жалба до ЕСЧП во 2018 година во која тврди дека како членка на мултиетничката „Наша партија“ е спречена да гласа или да излезе на избори. Иако е индивидуална, оваа пресуда индиректно ги засега сите гласачи на овој град со 106.000 жители.

„Судот заклучи дека државата не успеала да преземе мерки за да ја заштити Ирма Баралија од дискриминаторски третман врз основа на нејзиното место на живеење и да одржи демократски избори во Мостар“, се наведува во соопштението за пресудата на ЕСЧП.

Од Владата на Босна и Херцеговина се бара да го измени „во рок од шест месеци“ законодавството, со цел да се овозможи одржување на избори во Мостар. Изборите во 2012 и 2016 година не се случија заради правниот вакуум создаден со одлука на локалните судови.

Во 2010 година Уставниот суд на Босна, повикан од хрватските општински советници, донесе одлука дека посебниот систем на гласање што се применува во тој град е дискриминаторски. Како резултат на тоа, Изборната комисија веќе не може да одржи избори во Мостар, во очекување на договорот од најголемите партии од двете заедници. Сите нивни обиди да постигнат договор за нов систем на гласање, досега не успеаја.

XS
SM
MD
LG