Достапни линкови

Не се знае од каде потекнуваат 39-те жртви најдени во камионот во Британија


Полицајци го истражуваат камионот во кој се најдени жртвите.

Британската полиција соопшти дека камионот, во кој биле пронајдени тела на 39 лица, пристигнал во англиското пристаниште Пурфлит со траект од белгиското пристаниште Зебриж, пренесува Ројтерс.

Полицијата на Есекс претходно објави дека камионот пристигнал од Бугарија, но бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека возилото е регистрирано во Бугарија на 19 јуни 2017 година и ја напуштило земјата еден ден подоцна. Министерството посочува дека возилото и припаѓа на компанија во сопственост на жена од Ирска. Во соопштението се додава дека камионот не се вратил во Бугарија по 20 јуни 2017 година.

Претходно, британската полицијата соопшти дека се уште не ги идентификувалa жртвите и не знаe од каде потекнуваат телата на 39-те жртви најдени во контејнер во близина на Лондон.

Полицијата соопшти дека контејнерот бил донесен со камион од Бугарија. Уапсен за убиство е возачот на камионот, 25-годишeн човек од Северна Ирска. Во контејнерот пронајден во индустриска зона во близина на Лондон имало 38 возрасни луѓе и еден тинејџер. Се уште нема детали колку од жртвите се мажи, а колку жени. Полицијата вели дека идентификувањето на жртвите „може да биде долг процес“.

Ирските власти рекоа дека тие ќе истражат дали камионот поминал низ нивната земја. Од бугарското министерство за надворешни работи велат дека контактираат со британските власти за случајот.

XS
SM
MD
LG