Достапни линкови

Ременски: Не се чувствувам виновна


Фросина Ременски

Не се чувствувам виновна по однос на обвинението. Јас очекувам ОЈО да го докаже тоа што ми го става на терет, изјави денеска потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, по распитот во кривичниот суд во Скопје, а во врска со новоотворената истрага за измама, поврзана со организацијата „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски - Боки 13.

Ременски тврди дека не ја злоупотребила функцијата, но дека, како што рече, „многу медиуми ја прејудицирале работата и дека сега не било во ред таа да се правда“.

„На сите во сите постапки според законот и уставот секој е невин. Според законот, само за мерка притвор на пратеник може да му се одземе имунитетот“, рече Ременски.

Таа рече дека не му се лути на лидерот на партијата, Зоран Заев, за неговата вчерашна изјава дека секој кој е осомничен или обвинет ќе биде разрешен од функциите за да ја докажува својата невиност.

„Јас неговата изјава не ја протолкував во негативна конотација“, рече Ременски и додаде дека ќе соработува со ОЈО за расчистување на случајот и дека нема намера да поднесе оставка од функциите.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот, стои во соопштението од Обвинителството, присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

XS
SM
MD
LG