Достапни линкови

Бузаку: Реџепи перел пари и земал 700.000 евра од ИВЗ


Седиштето на Исламската верска заедница во Скопје

Скендер Бузаку денеска во Основното јавно обвинителство во Скопје доставил докази кои, според него, покажуваат дека „поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи сторил кривични дела перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување“.
Бузаку тврди дека „Реџепи перел пари преку приватна фирма и со тоа противправно земал 700.000 евра од ИВЗ“.

„Доказите кои ги доставив до ОЈО укажуваат на фактот дека осомниченото лице има сторено кривично дело со кое е нанесена штета од големи размери, присвојување на парични средства во износ од над 700 илјади евра, уплатени оваа година. Има фактура од 2019 година, трансфер на средства и докази. Утврдената штета е 700 илјади евра. За престој во Саудиска Арабија, ИВЗ платило 650 илјади денари на приватна фирма. Таксата за престој е утврдена во износ од 510 евра и парите треба да се уплатат директно во Министерството за аџилак“, вели Бузаку.

Tој додава дека Реџепи таксата за престој наместо во Министерството, ја уплатил преку посредник во приватна фирма регистрирана надвор од земјава, и на тој начин ги перел парите. Бузаку очекува ОЈО да ги преземе сите потребни дејствија, и појасни дека во наредниот период ќе продолжи да објавува нови докази за извршени кривични дела од страна на Реџепи.

„Наводите дадени од страна на Сулејман Реџепи во кое се употребени лични навреди упатени до мене тврдејќи дека мојата изјава претставува рекет врз ИВЗ и до него, а со оглед на доставените докази кои ги покажувам денес пред пошироката јавност јасно може да се заклучи дека единствен рекетар на ИВЗ е Сулејман Реџепи кој преку оваа фактура има присвоено парични средства“, истакна Бузаку.

Бузаку завчера му даде ултиматум од 72 часа на Реџепи да си даде оставка од функцијата поглавар на ИВЗ, оти во спротивно ќе изнесе, како што рече „докази бомби“ за незаконски дејанија на Реџепи. Ултиматумот истече пред еден час.

По поставувањето на ултиматумот, поглаварот Реџепи не сакаше да ја коментира постапката на Бузаку и само изјави: „Немам време за гејови“, на што остро реагираа организациите за заштита на правата на ЛГБТИ заедницата.

XS
SM
MD
LG