Достапни линкови

Медведев во Куба ќе потпише трговски договори


Рускиот премиер Дмитри Медведев

Рускиот премиер Дмитри Медведев пристигна во главниот град на Куба, Хавана, на дводневна посета, каде што треба да се сретне со претседателот Мигуел Диаз-Канел, да посети енергетски проект во предградие на Хавана и Капитолот, кој се реновира, а златната купола е подарок од Москва.

Според соопштението од руската влада, Медведев ќе разговара за „актуелни прашања од руско-кубанската трговска соработка, економијата, инвестициите, енергијата, транспортот, културата и соработката во хуманитарните и други области“.

Треба да бидат потпишани бројни билатерални договори и трговски спогодби, но не беа дадени детали.

Посетата на Медведев доаѓа во време на нова економска криза во Куба поради американските санкции. Двете области кои се најсилно погодени, нафтената и транспортната индустрија, може да добијат руска помош.

Куба беше клучен сојузник на СССР во времето на комунизмот, а се уште има добри односи со Русија, но и со трговските партнери Венецуела, Кина, Шпанија и Канада.

Минатиот месец, рускиот вицепремиер Јури Борсов рече дека трговската размена меѓу Русија и Куба се зголемила за 34 проценти на 388 милиони долари во 2018 година, и дека се очекува оваа година да достигне 500 милиони долари.

XS
SM
MD
LG