Достапни линкови

Нема повеќе деца до три години во институциите


Отварање на еден од вкупно петте мали групни домови кадешто се сместени деца од Мајчин дом Битола

Ниту едно дете до три годишна возраст повеќе не живее во институциите во земјата, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика. Со денешното отворање на петте мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го започна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти коишто наликуваат на топол семеен дом, соопштуваат од Министерството.

„Процесот на вадење на сите деца од институциите ќе го завршиме една година порано од предвидениот рок. Во 2017 кога го почнавме процесот имавме 180 деца во институции. Сега ни останаа само уште 11 деца постари од три години и тие до крајот на годината ќе бидат исто така згрижени во топол дом“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на отворањето на еден од петте мали групни домови во Битола.

Директорката на Мајчин дом Елена Николовска истакна дека во моментов се згрижени 27 деца и за нив 24 часовна грижа и поддршка ќе обезбедуваат 30 негуватели и 4 стручни работници. Ниту едно лице не остана без работа, туку напротив бројот на вработени ќе се зголемува.

Со последните 5 мали групни домови во Битола во земјава се отворени вкупно 17 мали групни домови.

XS
SM
MD
LG