Достапни линкови

Наскоро ќе се оценува обвинението за организаторите на „27 април“


Архивска фотографија од инцидентите во Собранието на 27 април 2017 година

Оценката на обвинителниот акт за организаторите на настаните од 27 април ќе се случи во брзо време, изјави денеска претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев. Тој посочи дека од Кривичниот суд повеќе пати е определуван Совет за оценка на обвинението, но на закажаните претреси одбраната поднесувала барања за изземање на судиите и досега осум од вкупно девет судии во одделението за организиран криминал се изземени.

„Секогаш на закажните претреси за оценка од страна на одбраната поднесувани се барања за изземање на судиите, на кои што судот позитивно одговараше. Тоа се причините поради кои досега не е оценето тоа обвинение. Секако и судската ферија допринесе малку подолго од очекувањата да трае тоа оценување на обвинението“, изјави Џолев.

Посочи дека речиси цело одделение судии од организиран криминал по различни основи досега учествувале во првиот предмет „27 април“ и дека веројатно ќе се делегираат други судии кои што ќе постапуваат по новиот предмет за организаторите за 27 април.

„За многумина тој предмет е поврзан со организаторите, односно сметаат дека станува збор за ист кривично правен настан. Од таа причина судот претпазливо се однесуваше кон барањата за изземање и на крај се реши за да нема никакви сомнежи за пристраноста на судиите да ги изземе судиите кои што учествувале по било каков основ во првиот предмет, за кој веќе имаме неправосилна пресуда. Тука се и други судии кои што учествувале во оценка на обвинението“, изјави Џолев.

XS
SM
MD
LG