Достапни линкови

Казна од 30 илјади евра за Српска листа, зашто во спот го прикажува Косово како дел од Србија


Архивска фотографија: Членови на Српска листа на дебата во Северна Митровица

Изборниот панел за поплаки и претставки при косовската Централна изборна комисија ја казни со 30 илјади евра партијата Српска листа (СЛ), поради објавување рекламен спот во кој Косово се прикажува како дел од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што објави телевизијата КТВ, Панелот оцени дека преку овој спот, кој е дел од кампањата за изборите што ќе се одржат идната недела, на 6 октомври, најголемата партија на косовските Срби предизвикала меѓуетничка омраза во Косово. Во образложението на одлуката се вели дека СЛ исто така го прекршила и Законот за избори на Косово.

Иако, како што наведува приштинската телевизија, во јавните настапи се забележуваат бројни вербални напади меѓу албанските партии, во Панелот не е поднесена ниту една поплака за говор на омраза. Меѓутоа, само во првите три дена од изборната кампања, која започна во средата, на 25 септември, поднесени се 30 претставки, главно поради користење деца во кампања и истакнување постери на места на кои тоа не е дозволено. Од нив 13 претставки се разгледани, додека 17 се во процедура на разгледување.

На парламентарните избори во 2017 година, беа изречени казни за политичките партии во вкупна вредност од околу 350 илјади евра.

XS
SM
MD
LG