Достапни линкови

Обвинителството бара поранешниот бразилски претседател Лула да биде пуштен на делумна слобода


Поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва

Бразилското антикорупциско обвинителство побара поранешниот претседател на државата Луис Инасио Лула да Силва да биде пуштен на делумна слобода за време на издржувањето на остатокот од казната.

Лула од април минатата година е во затворот во Парана, откако беше осуден на осум години и десет месеци затвор поради корупција.

Тој отслужи една шестина од казната и од понеделник има право да биде преместен во куќен притвор или во режим на делумна слобода, но Лула го одби тоа.

Обвинителите оценија дека поранешниот шеф на државата ги исполнил критериумите за „пофлексибилен режим“, затоа што отслужил дел од казната и добро се однесува во затворот.

„Лула треба целосно да биде пуштен на слобода, зашто не направил ниедно кривично дело и е осуден во нелегитимен процес полн со очигледни нерегуларности“, рече неговиот адвокат Кристијано Занин.

Тој треба на неговиот клиент да му ги предаде документите од обвинителството за Лула да може да донесе одлука. Поранешниот претседател од почеток на случајот тврди дека е невин и дека целта на судењето била тој да биде спречен да учествува на ланските претседателски избори.

XS
SM
MD
LG