Достапни линкови

Заев-Гутереш: Северна Македонија е синоним за победничките можности на дипломатијата


Зоран Заев и Антонио Гутереш во Њујорк

Премиерот Зоран Заев, во придружба на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, како дел од агендата на македонската владина делегација на 74-тото Генерално собрание на ОН.

Како што соопштуваат од владината прес служба во разговорот премиерот Заев се заблагодарил за поддршката на агенциите на ОН во нашата агенда во процесот на спроведувањето на реформите и го информирал генералниот секретар на ОН за актуелната состојба и за најавите за почеток на преговорите за членство во ЕУ, како и за процесот на финализација на протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО.

Како што се наведува во соопштението, генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата истакнал дека „се восхитува за договорот од Преспа и го оцени како историски успех со кој треба да се гордееме и кој отвора можности за напредок на земјата и дека договорот беше важен чекор за скорешното членство во НАТО и за позитивната одлука на ЕУ за датум за почеток на преговорите, која се очекува во октомври“.

Генералниот секретар покажал интерес и за концептот едно општество за сите и изразил поддршка за политиките на кохезија во неговото остварување и се заблагодари за позитивната улога на Северна Македонија во активностите на ОН, за поддршката на неговите иницијативи, како и за посветеноста на агендата 2030 за целите за одржлив развој.

XS
SM
MD
LG