Достапни линкови

Шарени „џебови“ за мобилни телефони во училница


Организатори за складирање мобилните телефони во училишта
Организатори за складирање мобилните телефони во училишта

Во основните училишта во скопски Карпош се поставија првите организатори за складирање мобилни телефони за време на часовите. Учениците и наставникот имаат можност во еден од организаторите пред почеток на часот да го остават својот мобилен телефон и да си го земат по завршување на часовите. Овие организатори се на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и се дел од проектот „Вклучи внимание“, финансиран од Европската Унија.

„Речиси 100 отсто од наставниците тврдат дека доколку учениците за време на наставата ги немаат своите мобилни во себе самиот час ќе тече подобро и ќе имаат поголем фокус, 78 проценти од учениците имаат телефон за време на наставата и голем процент од нив телефоните ги користат за да ги посетат социјалните мрежи што не е дел од наставната програма, претседателот на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ Дамјан Николовски.

Тој вели дека имаат согласност од родителите, а учениците не се противат на тоа и им изгледа интересно.

Организатори за складирање мобилните телефони во училишта
Организатори за складирање мобилните телефони во училишта

„Влијанието на брзо напреднатата технологија врз развојот на децата, бележи големи нарушувања во однос на когнитивните, комуникациските, социјалните функции и моторната активност кај децата како и однесувањето на детето. Последиците на сите овие нарушувања се согледуваат во здравствениот и образовниот систем, аутистичен спектар на нарушувања, доцнење во развојот, неразбирлив говор, тешкотии во учењето, нарушувања во обработката на сензорните информации и стимулации, анксиозност, депресија и нарушувања во спиењето“, истакнуваат од здружението.

Засега, овие „џебови“ за мобилни телефони се поставени во 10-те основни училишта на територијата на Општина Карпош.

„Како општина не сме против дигитализација, напротив, целосно го поддржуваме процесот на дигитализација во образованието, но технологијата што е прилично напредна во денешно време да се користи само за едукативни цели и нешто што ќе може навистина да им користи на учениците и наставниците“, рече градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

Следна општина со која веќе се дискутирало на оваа тема е Центар, а од Здружението и од општината се надеваат дека проектот ќе се прошири и во останатите општини, а во блиска идинина и на државно ниво.

XS
SM
MD
LG