Достапни линкови

Заев - Рикер - Палмер: Датум од ЕУ за Македонија е интерес и на САД


Зоран Заев и Никола Димитров со Филип Рикер и Метју Палмер во Њујорк

Северна Македонија во овој период е целосно фокусирана на обезбедувањето датумот за старт на преговорите со ЕУ во октомври, како и за напредок во ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО, двете стратешки цели за државата за чие остварување САД дадоа огромен придонес, рекол премиерот Зоран Заев на средбата со високите претставници на Стејт Департментот, помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, одржана на маргините на 74-тото Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, на која бил придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров, премиерот Заев истакнал дека овие цели за Северна Македонија произлегуваат и од Договорот за стратешко партнерство со САД, во кој евроатлантските интеграции на земјата се приоритет за обезбедување на стабилноста и сигурноста на земјата, како и на регионот.

Низ разговорот, се додава во соопштението, била отворена и темата за продлабочување на трговската и економската соработка меѓу двете земји за што, како што било оценето, постојат големи потенцијали.

„Претставниците на Стејт департментот, помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, покажаа интерес и за актуелните политички случувања во нашата земја. Тие ја нагласија нивната, и поддршката на САД, во спроведувањето на реформите, особено во делот на правната држава, владеењето на правото и борбата против корупцијата, како прашања од важност за да се оствари очекуваната цел – датумот за старт на преговорите со ЕУ, што е од интерес и на САД“, се наведува во соопштението.

XS
SM
MD
LG