Достапни линкови

Над 6700 полицајци од 30 земји во борба против криминалот во Западен Балкан


Зградата на македонското МВР

Европска мултидисциплнарна платформа за борба против закани од криминал (ЕМПАКТ), која вклучува нелегална трговија со огнено оружје, нелегална миграција, измама со документи и нелегална трговија со дроги, обедини 6.758 полициски службеници, од кои 6.708 теренски и 50 службеници од Оперативниот центар во седиштето на Европол во меѓународната операција Денови на заедничка акција (ДЗА) за Западен Балкан за 2019 година, соопшти македонското МВР.

По неколкумесечната подготвителна фаза, во почетокот на месецов се спроведе оперативната фаза на овие меѓународни полициски активности, во која 50 полициски службеници од речиси сите земји членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, Европол, Фронтекс, ИНТЕРПОЛ и ИПА/2017 ги интензивираа проверките во спречување на нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција, како и на недозволена трговија со дрога и илегална миграција.

Според МВР, во меѓународната операција Денови на заедничка акција (ДЗА) за Западен Балкан за 2019 година беа проверени вкупно 214.147 лица, возила и простории, а беа уапсени 175 лица (26 беа уапсени за време на подготвителната фаза, а 149 во оперативната). Покрај ова, издадени се 329 одбивања на влез, откриени се 164 тајни влезови, како и 111 пречекорување на дозвола за престој. Во операцијата беа детектирани 14 измами или злоупотреба на визи, 71 фалсификуван документ, како и 54 огнени оружја и 895 парчиња муниција.

XS
SM
MD
LG