Достапни линкови

Танц битка за значењето на физичката активност кај младите


Со танц битка започна програма со герила активности за подигање на свеста за значењето на физичката активност кај младите. Педесет млади од студијата „Break a leg“, „Eat the beat“ и „Aqua dance club“ одржаа танц битка во општина Аеродром, пред Капитол мол во саботата, покажувајќи дека покрај физичките и здравствени придобивки танцувањето им помага да откријат нов јазик на меѓусебно разбирање.

Според организаторите на оваа акција, целта е да ја зголемат свеста за придобивките од танцот и физичката активност кај децата, особено во денешно време кога младите генерации живеат пред телефоните, во вирутелен свет, не се движат доволно и не комуницираат доволно со своите врсници. Тие нагласуваат дека танцот отсекогаш бил значаен дел од човековата култура, некои археолошки откритија покажуваат дека тој постоел во Индија пред 9.000 години и Египет пред 5.300 години, а во модерно време, кога живееме динамично и брзо, кога исхраната не ни е секогаш на највисоко ниво и кога не сме активни физички, танцот може да има клучна улога, посебно кај младите.

„Танцот е еден од начините каде на детето му се овозможува да ја развие својата моторика, а во исто време да го активира мозокот преку учење на движења каде се развива логиката, памтењето преку движењата и имагинацијата и креативноста. Преку движењата и музиката кај децата се надградува и емоционалната интелигенција, посебно преку тимската игра“, вели Андријана Петковски од „Break a leg“.

Симона Веселиновска Карадаковска од „Eat the beat“ порачува дека натпреварите се многу важни за децата.

„Танцувањето пред публика, соочувањето со конкуренцијата на подиум и дружење со истата надвор од подиумот се голема мотивација за напредок во танцувањето, а истовремено децата се соочуваат со чуствата како е да се биде најдобар, како е да се биде победен, па и последен и како да се носат со секоја победа и пораз, предизвици кои се дел од секојдневниот живот“, додава таа.

Според Емилија Достинова од „Aqua Dance club“ комуникацијата игра голема улога кај децата, исто како и кај возрасните.

„Така се учиме да ги разбереме луѓето за работите што ги сакаат, што им требаат, кои се нивните соништа. Нашите млади си допишуваат и комуницираат преку екран и затоа тоа што го видовме на Танц битката беше одлично. Тоа е целосно нов јазик за нив и многу ми е драго што со толкав интерес го прават и што секој ден сѐ повеќе и повеќе деца доаѓаат во светот на танцот“, посочи Достинова.

Танцот ќе се развива и оваа година се очекува да кулминира на „Dance off“ меѓународниот танц натпревар кој ќе се одржува на 15, 16 и 17 ноември во Скопје во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски“.

XS
SM
MD
LG