Достапни линкови

Писмо од Амазонија: Патот по кој одите е пат на смртта и ќе умреме и ние и вие


Главатарот Раони Метуктире
Главатарот Раони Метуктире

И тие богати луѓе ќе умрат, како што сите ние ќе умреме, вели во своето писмо, Раони Метуктире, главатарот на амазонското племе Кајапо, еден од најпочитуваните амазонски главатари

Додека огновите ја уништуваат амазонската прашума и додека трае светската расправа за нејзината важност за глобалниот екосистем и опасноста од нејзиното расчистување и земјоделска експлоатација, еден од најпочитуваните главатари меѓу амазонските племиња, со писмо му се обрати на светот.

Раони Метуктире, главатарот на амазонското племе Кајапо, во писмото објавено во британски „Гардијан“, диектно им се обраќа на сите оние, како што вели, „ја расчистуваат, палат и освојуваат Амазонија, хектар по хектар“. Метуктире веќе долги години се бори за заштита на Амазонија и планетата Земја.

Ова е неговото писмо во целост:

„Долга низа години ние, лидерите на домордците и амазонските народи, ве предупредуваме вас, нашите браќа, кои им нанесувате толку штета на нашите шуми. Она што го правите ќе го смени целиот свет и ќе го уништи нашиот дом, но и вашиот дом.

Го ставивме на страна нашето поделено минато за да бидеме заедно. Пред само една генерација, многу наши племиња војуваа меѓу себе, но денес заедно се бориме против нашиот заеднички непријател. А тој заеднички непријател сте вие, недомородните народи кои ги нападнаа нашите земји и кои сега ги палат и оние мали делови од шумата што ни ги оставивте за живот. Бразилскиот претседател Болсонаро ги поттикнува сопствениците на фармите во близина на нашата земја да ги чистат шумите и не прави ништо за да ги спречи да ја нападнат нашата територија.

Ве повикуваме да го сопрете тоа што го правите, да го сопрете уништувањето, да ги сопрете нападите на душата на Земјата. Кога ќе ги исечете дрвјата, ги напаѓате душите на нашите претци. Кога копате по минерали, удирате во срцето на Земјата. А кога во земјата и реките испуштате отрови – земјоделските хемикалии и живата од рудниците за злато – ги слабеете духовите, растенијата, животните и самата земја.

Кога така ќе ја ослабите земјата, таа почнува да умира. Ако тлото умре, ако нашата Земја умре, тогаш никој од нас нема да може да живее, сите ќе умреме.

Зошто го правите тоа? Велите дека тоа е поради развојот, но каков е тој развој кој го одзема богатството на шумата и го заменува со само еден вид билка или едно животно? Таму каде што духовите некогаш ни даваа сѐ што е потребно за живот, сета наша храна, нашите куќи, нашите лекови, сега има само соја или стока. Кому му е потребен таков развој? само на неколку луѓе кои живеат на фармите, тие не можат да издржуваат многу луѓе и неплодни се.

Па зошто тоа го правите? Гледаме дека затоа што некои од вас можат да добијат многу пари. На јазикот Кајапо, ние парите ги викаме „пиу каприм“, тажни лисја, затоа што се мртво и бескорисно нешто и носат само штета и тага. Кога вашите пари ќе дојдат во нашите заедници, често предизвикуваат големи проблеми и ги делат нашите луѓе. И ние можеме да видиме дека истото го прават и во вашите градови, каде оние што ги нарекувате богати луѓе живеат изолирани од сите останати, во страв дека ќе дојдат други луѓе и ќе им ги земат тажните лисја. Истовремено, други луѓе гладуваат или живеат во беда, бидејќи немаат доволно пари за да набават храна за себе и за своите деца.

Но и тие богати луѓе ќе умрат, како што сите ние ќе умреме. А кога нивните души ќе се одвојат од нивните тела, нивните души ќе бидат тажни и ќе патат, затоа што тие додека биле живи направиле многу други луѓе да патат, наместо да им помагаат, наместо да обезбедат сите останати да имаат доволно за јадење пред да се нахранат себе. Тоа е нашиот начин, начинот на Кајапо, начинот на староседелците.

Мора да го смените начинот на кој живеете затоа што сте изгубени, го изгубивте својот пат. Патот по кој одите е пат на уништување и смрт. За да живеете, мора да го почитувате светот, дрвјата, билките, животните, реките, па дури и самата земја. Затоа што сите тие нешта имаат души, сите тие нешта се души, а без души Земјата ќе умре, дождот ќе престане и храната ќе пресуши и ќе умре.

Сите го дишеме истиот воздух, сите ја пиеме истата вода. Живееме на една планета. Мораме да ја заштитиме Земјата. Ако не го направиме тоа, ќе дојдат големи ветришта и ќе ја уништат шумата.

Тогаш ќе го почувствувате стравот што го чувствуваме ние“.

XS
SM
MD
LG