Достапни линкови

Дружи се и кодирај


Македонија и годинава ќе биде дел од Европската недела на кодирање, што ќе се одржи од 5 до 20-ти октомври. Неделата на кодирање е иницијатива поддржана од Европската Комисија и е лансирана прв пат во 2013-та година и има за цел зголемување на дигиталните вештини во Европа. Во рамките на Европската недела на кодирање во 2018 година беа одржани 25.089 настани во 52 земји ширум светот, а учество земаа над милион учесници, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација.

Лани кон оваа идеја се приклучија над 130 училишта од државава, со повеќе од 5.000 ученици. На овој начин се зголеми интересот кај учениците и кај наставниот кадар за развој на дигиталните вештини.

„И оваа година ја продолжуваме оваа успешна приказна. Ги повикувам сите наставници што работат на развивање на дигитални вештини да се приклучат на оваа европска иницијатива. Со регистрирање на настан во Вашето училиште, го давате својот придонес за подигнување на свеста кај најмладите за развивање на дигитални вештини, како важна стратешка цел за зачувување на младите овде и обезбедување на нивен достоинствен живот. Северна Македонија е веќе дел од дигитална Европа“, истакна министерот Манчевски.

Како дел од Европската недела на кодирање, како што се посочува, учество може да земе кој било наставник во основните и средните училиште на територијата на државава, со пријава на еден наставен час (надвор или во склоп на наставната програма), што ќе се одржи во рамките на Европската недела на кодирање.

Линк со појаснување за тоа како да станете дел од Европската недела на кодирање: http://events.codeweek.eu/guide/

Пријавувањето час посветен на програмирање се врши преку регистрирање на наставник, образовна институција и терминот на официјалната веб-локација.

При тоа потребно е креирање на профил со корисничко име и лозинка, линк за пријавување: http://events.codeweek.eu/login/?next=/add/

Сите пријавени кои ќе одржат наставен час во рамките на Европската недела на програмирање ќе добијат сертификат за учество. Дополнителна можност за поддршка на проекти на граѓански организации и училишта (до 8 септември). Како дел од Европската недела на кодирање, Фондацијата Метаморфозис има објавено повик за доделување грантови од 300 евра од програмата „Meet and Code“ за 40 настани/проекти за кои може да се пријават партнерства од граѓански организации и училишта, истакнуваат од МИОА.

Целта на Meet and Code е децата и младите на возраст меѓу осум и 24 години да се запознаат со светот на технологијата и програмирањето. Настаните се организираат за да им се покаже на младите колку интересно и забавно може да биде програмирањето и како тоа може да помогне за оживување на идеите. Тие треба да научат како функционира технологијата и како ИТ влијае на секојдневниот живот. Преку истражување на широк спектар дигитални теми и теми од технологија и креативно програмирање, тие ќе се поттикнат да ги развијат дигиталните вештини кои им се потребни за денешниот свет.

Идеите за настанот може да се достават онлајн на страницата на https://meet-and-code.org/mk/mk/ најдоцна до 8 септември.

Организациите може да достават неколку различни идеи за настан. Секоја идеја за настан која ќе се квалификува како погодна ќе добие грант од 300 евра за организација на настанот. Можните настани вклучуваат хакатони, работилници за програмирање, предавања, филмски настани, натпревари, ноќи за програмирање, часови за роботика или други формати.

При тоа, пријавените настани ќе имаат можност да се натпреваруваат и за награда на европско ниво на една од следните четири категории „Girls do IT!“, „Diversity“, „Code for the planet“ и „Code for your community“.

Информации за наградите во рамките на „Meet and Code“ има на линкот: https://meet-and-code.org/mk/mk/award2019 , информираат од МИОА.

XS
SM
MD
LG