Достапни линкови

Приведен поранешниот пратеник Љубомир Јосифовски


Поранешниот пратеник од НСДП, Љубомир Јосифовски, синоќа бил приведен на распит во полициската станица Беко во Скопје. Јосифовски се сомничи за неовластено влегување во компјутерскиот систем на Централниот регистар, соопшти МВР.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Биро за јавна безбедност при МВР на РСМ, на 02.09.2019, по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар на Република Северна Македонија и консултација со надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лиши од слобода лицето Љ. Ј. (46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, предвидено и казниво по чл.251 од КЗ на РСМ“, информираат денеска од МВР и додаваат дека по завршувањето на процедурата, приведениот бил пуштен.

Централен регистар потврдува дека е извршен упад во компјутерскиот систем и потенцира дека при упадот воопшто не се нарушени состојбата и интегритетот на податоците во сите регистри. По упадот, информираат од Централниот регистар, веднаш е поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика.

„Упадот е извршен со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносни пречки од страна на Друштвото за обработка на податоци, хостирање и слични дејности ИНФОГРУП ДОО Скопје. На тој начин ова правно лице неовластено обезбедувало податоци од регистри што ги води Централниот регистар“, се вели во соопштението од Централниот регистар.

Во соопштението се потенцира дека при упадот воопшто не се нарушени состојбата и интегритетот на податоците во сите регистри што ги води Централниот регистар.

XS
SM
MD
LG