Достапни линкови

Марко го прекина маратонот поради болки во ногата


Марко Пејчиновски

Тринаесетгодишниот охриѓанец Марко Пејчиновски доцна синоќа го прекинал 64-километарскиот маратон кај Градиште поради болки во ногата. Марко во водите на Охридското Езеро поминал 4 часа и 49 минути и препливал 11 километри и 840 метри, по што морал да прекине поради болките.

Марко вчера попладне го стартуваше својот најнов подвиг во обид да преплива 64 километри во знак на поддршка на лицата со ретки болести. Тринаесетгодишниот херој во вода влезе попладнето околу 18 часот, во придружба на неговите најблиски, лекарски тим, официјални лица и екипа што го следеше. Тој од кај градското пристаниште се упати кон Свети Наум, а делница која планираше да ја исплива беше Охрид-Свети Наум-Струга-Охрид. Требаше да ја заокружи денес на празникот Голема Богородица на истото место од каде што тргна.

Подвигот на Марко на социјалните мрежи беше бурно поздравен, а претпладнево, и покрај откажувањето, најчестите коментари се дека „тој е сепак нашиот голем херој“.

Марко лани направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач кој ја препливал таа делница, со што влезе меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е голем бидејќи и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

За овој негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја кои беше најавено дека денес ќе се продаваат на специјален штанд кај градското пристаниште од 12 часот. Средствата од продажбата на маичките беше најавено дека ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Инаку, за минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Бубамара на популарноста“.

XS
SM
MD
LG