Достапни линкови

Русија „откри“ пет нови острови кај Земјата на Франц Јозеф во Арктичкиот Океан


Илустрација: Руска воена база на архипелагот Земјата на Франц Јозеф

Руски поморски истражувачки тим тврди дека открил пет нови острови во архипелагот Земјата на Франц Јозеф во Карското Море во Арктичкиот Океан. Руската новинска агенција РИА Новости денеска, повикувајќи се на Руската северна флота, објави дека островите се со големина меѓу 900 и 54.500 квадратни метри. Островите се сместени во Заливот Висе западно од островот Северни. Се додава дека островите прв пат биле забележани за време на анализа на сателитските снимки пред три години.

Експедицијата за потврдување на постоењето на островите почна на 15 август и треба да трае до крајот на септември.

Архипелагот Земјата на Франц Јозеф е руска територија со 192 ненаселени острови на кои има само воен персонал.

Арктикот добива на важност во последните години, кога поради зголемените температури водите се пловни подолг период и поради огромните резерви на природен гас и минерали.

Русија го засили военото присуство на Арктикот, ја модернизираше својата Северна флота и повторно ги отвори базите кои беа напуштени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Во 2017 година, рускиот претседател Владимир Путин рече дека наредил вложување за развој на регионот, големи инфраструктурни проекти и истражување на Арктикот.

САД, Кина, Канада, Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска исто така бараат зголемување на нивните активности на Арктикот.

XS
SM
MD
LG