Достапни линкови

Гутиерез: Заштита на новинарите, но не и кога се огрешиле пред законот


Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, во изјава за МИА, коментираше во врска со најавите за тужби од членови на Владата кон порталот „Инфомакс“ и потенцира дека новинарите не се над законите.

„Иако праксата на здруженијата на новинари во европските земји е да препорачуваат да се избегнуваат тужби кон медиуми и новинари, тоа не значи дека секој пат треба да се застане во одбрана на новинарите кои се огрешиле пред законот“, објаснува за МИА Гутиерез.

Кога еден новинар постапува надвор од законот, дополнува Гутиерез, ние како здруженија, пред да реагираме, гледаме дали тоа тој го сторил во интерес на јавноста или дали е тоа злонамерно, со цел да се оцрни некој, дали е чиста лага, или навистина и повисока јавна цел.

За илустрација, наведе тој, доколку еден новинар објави документи до кои не можел да дојде на легален начин, но тие документи ја информираат јавноста, на пример, за некаква опасност која постои за граѓаните, тогаш здруженијата, но и судовите во огромно мнозинство случаи, застануваат зад новинарот и зад јавниот интерес.

„Меѓутоа, новинарите не се над законите и да се застане во одбрана на нешто неодбранливо што го сторил некој новинар ги ослабнува професионалните здруженија, постојат неприфатливи работи, и нашата задача како организации не е да ги покриваме грешките на новинарите, туку да им укажеме кога згрешиле“, вели генералниот секретар на ЕФН, каде членуваат двете главни македонски новинарски здруженија, ЗНМ и ССНМ.

XS
SM
MD
LG