Достапни линкови

Сугарески - Остануваме посветени на борбата против криминалот и корупцијата


Горан Сугарески, член на раководството на СДСМ и министер за транспорт и врски

Остануваме посветени на заложбата од Декларацијата што ја донесовме за борба против криминал и корупција, комуникацијата во партијата е одлична меѓу сите функционери, судските органи можат да ги употребат сите алатки за кој било функционер од СДСМ.

Ова го истакна денеска членот на Централниот одбор на СДСМ Горан Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања во однос на објавата на документ од истрагата за случајот „Рекет“ во дел од порталите, по што вчера премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров и Радмила Шекеринска и пратеничката Фросина Ременски најавија тужби и отфрлија каква било вмешаност.

„Според нашите сознанија нема вмешани функционери на СДСМ во овие случаи. Добар дел, без оглед дали е тоа Фејсбук статус, тоа е нивна изјава, многу јасно го кажаа она што го мислат“, наведе Сугарески.

Како што нагласи, судските органи и Јавното обвинителство можат да проверат се за кој било во партијата. Подготвени сме, посочи, доколку се докаже некаква одговорност за кој било функционер да ја понесеме одговорноста. Апсолутно нема простор кој било да биде амнестиран поради тоа што е на која било позиција во владата или во СДСМ.

Кај СДСМ, како што вели, има очекување и надеж дека може да дојде до договор помеѓу работните групи со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и да се донесе Законот за Јавно обвинителство.

Сугарески, кој е и министер за транспорт и врски, на прес-конференцијата на која ги презентираше изминатите и идни активности во инфраструктура на владејачката партија, рече дека Владата предводена од СДСМ, во овој момент инвестира преку 850 милиони евра во проекти во патната инфраструктура.

XS
SM
MD
LG