Достапни линкови

Осомничениот за нападите во Париз, обвинет и за нападите во Брисел


Цртеж на Салах Абдесл од судскиот цртач за време на судењето во Палатата на Правдата во Брисел, февруари 2018

Единствениот преживеан осомничен за терористичките напади во Париз во ноември 2015 година, денеска и официјално е обвинет дека е вмешан и во самоубиствени бомбашки напади во Брисел, што се случија неколку месеци подоцна.

Обвинителството во Белгија денеска ги потврди неодамнешните извештаи во медиумите дека осомничениот, Салах Абдеслам, е обвинет за „учество во активности на терористичка група“.

Обвинителството не дава детали за наводната улога на Абдеслам во бомбашките напади на аеродромот во Брисел и градската метро станица, на 22 март 2016 година во кои загинаа 32 луѓе, а беа повредени 340 други. За двата напади во Брисел, одговорноста ја презеде групата Исламска држава.

Истрагата вели дека нападите биле нарачани од Сирија, а ги организирала француско-белгиска ќелија во Брисел.

Таа ќелија стоеше и зад терористичките напади на 13 ноември 2015 година во Париз во кои загинаа 130 луѓе, а беа повредени стотици други.

Во април, белгискиот суд го осуди Абдеслам на 20 години затвор за престрелката со полицијата во Брисел, по што тој беше уапсен. Настанот се случи неколку дена пред самоубиствените бомбашки напади во Брисел.

Абдеслам е француски државјанин, роден во Белгија. Тој сега е во затвор во Франција каде му се суди за нападите во Париз.

XS
SM
MD
LG