Достапни линкови

Стефанова: Намерно ме дискредитираат, за обидите за влијание пријавив кај Јанева


Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, чие име се споменува во денешната аудиот снимка на италијанскиот весник „Ла Верита“ за случајот „Рекет“, вели дека ништо од тоа не е вистина и дека таа е „спомната намерно за да биде дискредитирана“.

„Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител, кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски“, наведува во изјавата објавена на веб страницата на ЈОНСК.

Во изјавата Стефанова вели дека во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обиделе да извршат влијание врз предистрагата што во тој период била насочена против нив и други лица, користејќи го нејзиното познанство со господинотВанчо Чифлиганец.

„За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата што се одржа во просториите на СЈО, Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме што било во врска со предметот“, истакнува во изјавата Стефановска.

Таа додава дека во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од неа лично не побарало ништо во врска со овој предмет, ниту пак ѝ било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.

„Во втората половина на месец декември 2018 година, јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки. Во месец март 2019 година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена“, истакнува Стефанова.

XS
SM
MD
LG